Економските забелешки во извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ се совпаѓаат со ставовите на Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСМ) за економските политики на државата, истакна директорот на оваа комора, Фатмир Бикиќи.

Тој потенцираше дека постојано укажуваат на проблемите кои се нотирани во овој извештај и потребно е сите забелешки сериозно да се земат предвид.

– Она што е истакнато во овој извештај е дека почнатиот пораст на економијата во 2015 година се намали годинава, а бројот на новоотворени бизниси во 2015 година е намален во однос на просекот на претходните пет години. Постои нетранспарентно толкување на бизнис-регулативата, селективност во примената, владее корупција, има неформални економија, правната држава не функционира врз основа на законитоста и на уставноста – додаде Бикиќи.

Директорот на СКСМ уште еднаш ја истакна дискриминараноста на домашните компании во однос на странските, така што го посочи примерот со добивањето лиценци и дозволи за работа кој многу полесно оди кај странските инвеститори отколку за домашните компании. Оттука смета дека е потребно домашните фирми да не се дискриминирани институционално. Малите и средни претпријатија, исто така, имаат тежок пристап до финансии.

– Во однос на невработеноста, во извештајот е нотирано дека е висока кај младите и кај високо-квалификуваниот кадар. Исто така е забележано дека не се создаваат работни места кај приватниот сектор, а најголем работодавец е државата. Домашниот бруто-производ изнесува 3 проценти по жител од 2012 до 2015 година, што е 37 проценти од просекот на жителите на ЕУ – изјави Бикиќи.

Од 2009 до 2015 година, 62 проценти од расходите се за социјалните трансфери од кои најголем дел се за пензии.

Во ист период, капиталните расходи се реализирале 84 проценти, додека социјалните трансфери целосно и повеќе од предвиденото. Забележана е и мала транспарентност во извршување на инфраструктурни проекти преку државни институции.

Интересно е тоа што во извештајот е нотирано и дека Владата има голем удел во стопанството и тоа е проблематично. Со ова се согласуваат и од СКСМ.

– Ако државата е најголем работодавец и во вкупниот домашен бруто-производ има 13 проценти сопственост на државен капитал, тогаш е јасно дека тоа е така. Не може да има голем развој на земјоделството ако државата е најголем сопственик на земјиштето, без разлика на субвенциите што се даваат. А, исто така, таа има сопственост и во клучните компании – објаснува Бикиќи.

Лошиот економски извештај, според него, не е само на политичката криза туку се работи за последици на волјата на политичките партии. Тој смета дека бизнис заедницата не е доволно вклучена во процесот на креирање политики.