fbpx

Скопските дрвја и натаму умираат заробени во бетон, иако Шилегов вети дека ќе ги „ослободи“

-

И покрај ветувањето на скопскиот градоначалник Петре Шилегов од јануари дека итно ќе се почне со „ослободување на дрвјата“ на подрачјето на Скопје, кои поради несоодветни градежни зафати останале заробени во бетон или асфалт и се осудени на смрт, досега речиси ниедно не е „ослободено“, обвинуваат екологистите.

Четири месеци подоцна не е познато дали е воопшто ослободено ниту едно од 1.000 загрозени дрвја во Скопје, кои според истражувањето на Шумарскиот факултет од Скопје се директно загрозени, бидејќи бетон асфалт или бекатон коцки, како и друг вид на урбана опрема се поставени непосредно до самото стебло оневозможувајќи им да добиваат вода и кислород. Се работи најчесто за платани, каталпи, јасени, диви костени, липи, багреми и др., со развиени крошни, стари и по 20, 30 па и повеќе години.

Во писмениот одговор кој „Мета“ го доби на прашањето како се одвива акцијата за ослободување на дрвјата од службите на Град Скопје стои само дека во соработка со Шумарскиот факултет досега биле споведени повеќе акции и истите ќе продолжат во наредниот период со зголемен интензитет. Воедно, Градот е без конкретен одговор колку дрва фактички се ослободени од бетонот кој ги убива.

Шумарски факултет, пак, нема информации како се одвива акцијата за спас на заробените дрва, која требаше да се одвива со нивна стручна асистенција.

„Од околу 1.000 евидентирани дрвја, на терен се уверивме дека веќе има исушени дрвја, но и дека преку 200-300 се исклучително загрозени и ќе умрат годинава или најдоцна наредната година“, вели за „Мета“ професор Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет, кој во јануари годинава потпиша меморандум за соработка со градоначалникот Шилегов на Град Скопје со Шумарски факултет.

Професор Сотировски смета дека спасувањето на загрозените дрва во Скопје не се одвиваат со саканиот интензитет. Според Сотировски, се работи главно за возрасни, разгранети дрва со голема вредност, за кои ќе биде голема штета доколку биде дозволено да умрат.

„Само едно такво дрво во градов вреди како 100 па дури и 200 новонасадени дрвја“, вели професор Сотировски, алудирајќи на тоа колку кислород произведува дрво со поголема старот и со голема крошна во однос на нов насад и колкаво значење тие имаат за воздухот во македонската престолнина.

„Што правите, на тацна ви беше сервирано, мапа, со точно обележани локации на дрвјата, со фотографии, со коментар за проблемот, а вие што?!!“, ги прашаа градските власти од „О2 Иницијатива“, објавувајќи на својот фејсбук-профил фотографии со карактеристични призори на дрва чии корени се прелиени со нов асфалт, затворени со метални обрачи или огради.

„Не можете да засадите толку дрвја кои ќе бидат еквивалентни на овие кои сте ги осудиле на смрт. Нови 1.200 садници кои ги најавува Градот се незначителни во споредба со овие дрвја“, потсетуваат од „О2“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...