ВМРО-ДМНЕ поднесе 12 приговори до ДИК, во кои повторно се констатирани нерегуларности, исти како во првиот круг, соопшти денеска партискиот портпарол Наум Стоилковски.

Тој рече дека приговорите се однесуваат, пред сè, на гласачки места каде што се пронајдени повеќе или помалку ливчиња во кутиите од тоа што е нормално.

– Несовпаѓање на број на потпишани гласачи со бројот на ливчиња има на избирачко место (ИМ) 1789 во Ново Село, ист случај во ИМ 1001 во Куманово. Во Студеничани, ИМ 2350/1 бројот на неупотребени гласачки ливчиња и бројот на употребени ливчиња заедно се поголем број од вкупниот број на избирачи на тоа место! Ист случај се повторува во Брвеница ИМ 2047, збирот на гласови и неупотребени ливчиња покажува дури 100 ливчиња повеќе. Повеќе ливчиња од потпишани избирачи има и во Охрид на ИМ 1281/1. Во Охрид ИМ 1261 регистриран е и случај каде потпишани гласачи има 371, а во кутијата се најдени 370 гласачки ливчиња, односно едно ливче е изнесено од гласачкото место! Ливчиња недостасуваат и во Прилеп – ИМ 1521- каде недостасуваат осум избирачки ливчиња – рече Стоилковски.

Еден од приговорите на ВМРО-ДПМНЕ е за гласачко место во Шуто Оризари, каде жена кога дошла да гласа видела дека во нејзиното поле во изводот од избирачкиот список е веќе ставен потпис.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во Пласница на ИМ 0277/1 имало глас повеќе од бројот на потпишани, но обвини и за групно гласање, односно исто лице со идентичен потпис се потпишало на повеќе места за повеќе гласачи. Наспроти тоа, во Радовиш четири лица гласале без да се потпишат во избирачкиот список, рече Стоилковски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, во Центар имало агитирање.

– Во Центар во Скопје ИМ 2859 направена е груба злоупотреба од заменик-претседателката и членка на ИО, со тоа што постојано во текот на изборниот ден го прелистувале списокот ги регистрирале тие што не излегле да гласаат и потоа податоците со име и презиме податоците ги пренесувале телефонски и со СМС пораки. Иако имало реакција од член на ИО, не му било дозволено тоа да го напише во записникот, па подоцна го пријавил во ОИК во Центар. Инаку, станува збор за препознатливо име и презиме на член на ИО јавен гласен поддржувач на политиките на СДСМ – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Образлагајќи го последниот случај, тој рече дека во Сарај било гласано со искинато па лепено избирачко ливче со селотејп, со што, според Стоилковски, се нарушува тајноста на гласањето.