По викенд блокадата Скопје осамна со преполни контејнери несобран смет и расфрлано ѓубре по улиците. Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека нивните екипи забрзано работат на отстранување на отпадот. Купиштата несобрано ѓубре се создадоа поради застојот во собирањето на отпадот поради повеќедневниот полициски час и поради тоа што вработените на претпријатието „Комунална хигиена“ не беа изземени од посебните мерки на Владата за движење по 16 часот.

„Минатата недела нашите екипи работеа на собирањето на отпад во Скопје само во прва смена, што значи дека тие завршуваа со работа некаде околу 14.30 часот, за да можат да стасаат до базата и потоа до своите домови“, вели Анамарија Бранѓолица, портпаролка на претпријатието.

„Од денес работиме во две смени, односно до 21 часот, состојбата со вонредното количество отпад од изминатиов викенд денес ќе се нормализира, па би требало така да биде и во наредниве денови“, вели Бранѓолица.

Од „Комунална хигиена“, меѓутоа, без прецизен одговор каков ќе биде режимот на собирање на отпад за време и по четиридневната изолација која се најавува за Велигденските празници. Поради забраната за движење во текот на четирите дена, најголемиот број граѓани ќе мора својот отпад да го складираат дома, а исклучок ќе бидат оние граѓани кои имаат дозволи за движење во вонредните услови и сопствениците на кучиња кои имаат право два пати дневно да ги изнесуваат милениците да ги извршат своите физиолошки потреби.

Што се однесува до прашањето дали јавното претпријатие има стратегија како треба да се справува со опасниот отпад кој се создава од употребените маски и ракавици и друг хигиенски материјал, користен од болните, кој потенцијално го содржи опасниот вирус Ковид-19, оттаму апелираат тој вид на отпад да биде пакуван засебно и во дополнителни пластични кеси.

„Апелираме до граѓаните совесно да ги третираат отфрлените маски и ракавици, а не тие да завршуваат расфрлани наоколу“, вели портпаролката.

Сепак, овој опасен отпад засега не се третира засебно туку завршува на депонија Дрисла заедно со останатиот комунален отпад.