fbpx

Синоптичарите меѓу најранливите од високите температури – речиси половина се ослободени од работа

И покрај отсуството на поголем број вработени, државниот секретар во УХМР потенцира дека обврските и задачите се одвиваат без застој бидејќи младите колеги ги држат смените

-

Речиси 50 отсто од синоптичарите вработени во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од вчера се ослободени од работа, откако на сила стапија мерките и препораките за заштита од високите температури. Тоа е така зато што имаат над 60 години и спаѓаат во најранливите групи население, кои, заедно со бремените жени, се ослободени од работните обврски бидејќи земјава ја зафатија високи температури од портокалова фаза.

Смените на повозрасните синоптичари во УХМР сега ги држат нивните помлади колеги, информираше за Мета.мк државниот советник во Управата, Раде Балабаноски.

Тој рече дека само во заводот во Скопје се ослободени од работа повеќе од 20 лица кои имаат над 60 години, а дел од нив биле и хронично болни. На национално ниво, ангажирани во УХМР во моментов се околу 140 лица, вели Балабаноски.

Сепак, и покрај отсуството на поголем број вработени, тој потенцира дека обврските и задачите во Управата се одвиваат без застој.

„Непречено се одвиваат сите работи – се вршат метеоролошки мерења, на веб-страната може да видите дека се дава и прогноза, ако има потреба и радарите можат да се вклучат. Предупредувања исто така се даваат, Управата си функционира најнормално. Покрај повисоката бројка на повозрасни лица, сите работни задачи се одвиваат нормално“, рече Балабаноски.

Државниот советник информираше дека 24-часовните дежурства во одделот синоптика се одржуваат без проблем. Постојано се достапни и службите за информации, како и хидролозите. Теренските работи, според Балабаноски, исто така се извршуваат без застој.

„Во синоптика се пола со пола. Половина од синоптичарите имаат над 60 години. Сега во оваа фаза доаѓаат помладите синоптичари и тие одржуваат смена. Кога ќе завршат препораките, ќе си продолжат со работа оние над 60 години. Во секој случај осигуруваме да немаме застој во работата“, вели Балабаноски.

Властите завчера усвоија низа препораки за намалување на ризиците од високите температури, кои важат до недела. Сите региони во државата – скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот се влезени во портокалова фаза.

Владата ја усвои информацијата на Министерството за здравство, по добиени информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи.

Покрај ослободувањето од работни обврски на најранливите категории граѓани, се препорачува децата во градинките да не се изнесуваат на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи да пружаат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.

Владата препорача сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат истите во периодот од 11 до 17 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници.

Топлотен бран: излегувајте ако е неопходно, внимавајте на храната и заштитете ги животните

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...