fbpx

Што сакаше да каже и како „во превод“ гласи изјавата на Стејт департментот?

-

Стејт департментот синоќа излезе со изјава за Македонија, која со дипломатски јазик ја констатира состојбата во земјава и носи неколку пораки.

Загрижени сме поради зголемените политички тензии во Македонија по парламентарните избори на 11 декември и ја осудуваме запаливата реторика од некои политички лидери, која дава дозвола за напади на демократски институции и на амбасадори акредитирани во Македонија.

Ги повикуваме политичките лидери да престанат со неосновани напади, да го почитуваат демократскиот процес и да дозволат формирање на веродостојна и стабилна влада, посветена на владеење на правото, одговорност и на основните права. САД се подготвени да ѝ помогнат на таквата влада да ги оствари долготрајните цели на Mакедонија за евроатлантска интеграција.

Еве како таа изјава и сите нејзини делови би гласеле кога „би се превеле“ на обичен недипломатски македонски јазик:

Наместо да се намали неизвесноста по изборите во Македонија, таа уште повеќе се зголеми, со користење на термини како „крв“, „кражба“, „ноќ на ножевите“ и сл. Никола Груевски на неговиот настап пред ДИК даде официјална и законска дозвола и поттик да се појават некролозите за амбасадорите и серијата вербални и пишани напади врз нив по социјалните мрежи и медиумите.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ однапред да не изјавуваат дека „ако судот донесе таква одлука, ние нема да ја почитуваме, и ако се донесе одлука за прегласување, ние нема да учествуваме и ако биде резултатот ваков или онаков, ние нема да го признаеме“. Да не се прават пречки, односно Груевски и ВМРО-ДПМНЕ „да дозволат“ тој што ќе го добие мандатот да направи влада.

Ако сè е во ред, САД ќе се ангажираат Македонија да влезе во НАТО.

Или констатација по констатација:

Загрижени сме поради зголемените политички тензии во Македонија по парламентарните избори на 11 декември“ – Од Стејт департментот сакаат да кажат дека наместо да се намали неизвесноста по изборите таа уште повеќе се зголемила, со протести, со користење на термини како „крв“, „кражба“, „ноќ на ножевите“.

„Jа осудуваме запаливата реторика од некои политички лидери…“ –  Повеќе од јасно е дека ова се однесува на Никола Груевски и на неговиот настап пред ДИК, кога изјави: „ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласување и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување. Нема да дозволиме аболираниот криминалец Зоран Заев да формира влада со фалсификувана волја на граѓаните на Република Македонија… некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика во Македонија. Мора да престанат да го прават тоа… ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешно-политичките прашања во земјата и бараме да останат во рамки на своите мандати и овластувања како дипломати. ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или претставници на други држави, а на кои се преговара или се носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот“.

„… Која дава дозвола (gives licence to) за напади на демократски институции и на амбасадори акредитирани во Македонија“ – Со финиот англиски израз, кој според  англискиот речник значи „Official or legal permission to engage in a regulated activity“, односно „официјална или законска дозвола да преземе активност“, Стејт департментот констатира дека Груевски со говорот поттикнал да се појават некролозите за амбасадорите и серијата вербални и пишани напади врз нив по социјалните мрежи и во медиумите.

Ги повикуваме политичките лидери да престанат со неосновани напади, да го почитуваат демократскиот процес“ –  Ова треба да е порака до ВМРО-ДПМНЕ однапред да не изјавуваат дека ако судот донесе таква одлука, партијата нема да ја почитува, како и дека ако се донесе одлука за прегласување, партијата нема да учествува и нема да го признае резултатот, каков и да е тој.

„… И да дозволат формирање на веродостојна и стабилна влада посветена на владеење на правото, одговорност и на основните права“  – Јасна порака да не се прават пречки, односно Груевски и ВМРО-ДПМНЕ „да дозволат“ тој што ќе го добие мандатот да направи влада.

„САД се подготвени да ѝ помогнат на таквата влада да ги оствари долготрајните цели на Mакедонија за евроатлантска интеграција“  Вообичаена финална дипломатска формулација, која во себе крие понуда или далечно ветување дека „ако сè е во ред, САД ќе се ангажираат Македонија да влезе во НАТО“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...