Шеќерна болест: Вкупно 130.000 заболени, 4.000 нови случаи за само една година

Фото: TesaPhotography, pixabay

Во Република Северна Македонија, околу 130.000 лица имаат дијабетес, а бројката постојано е во пораст, информира за Мета.мк д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендокринологија, кој е и претседател на Националната комисија за дијабетес. Тој вели дека во споредба со лани, на ниво на држава бројот е зголемен за 4.000 нови пациенти, што според него, е загрижувачки податок.

На годинешното одбележување на 14 Ноември, Светскиот ден за борба против дијабетесот, она што е ново е што бројот на заболени расте, меѓудругото, и како резултат на пост-ковид синдром, особено оние пациенти со потешки симптоми кои примале кортикостероиди.

Лоша исхрана, но и последица на пост-ковид синдром 

Овој ден се одбележува по иницијатива на Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната федерација против дијабет, а денешниот датум е одбран бидејќи е ден на раѓањето на канадскиот нобеловец, Фредерик Бантинг, кој го откри инсулинот заедно со Чарлс Бест во 1933 година.

Инаку Шеќерната болест е хронично заболување при кое панкреасот продуцира ниски количества од хормонот инсулин, односно кога организмот не може да го искористи веќе произведениот инсулин. Како хормон кој го регулира нивото на шеќер во крвта, инсулинот игра клучна улога во одржување на здравствената состојба на човекот.

Самата шеќерна болест предизвикува хипергликемијата или покаченото ниво на шеќер во крвта. Ако не се третира подолг временски период може да предизвика сериозни оштетувања на клучните органи, нервниот систем и крвните садови.

Главни пичинители за појавата на ова заболување, според д-р Ахмети, е неправилната исхрана, односно јадењето брза храна, пасивноста, лошите навики и дебелината.

„Мора да потенцирам дека симптомите често не се изразени, па луѓето случајно откриваат дека имаат дијбетес. Тука е и ковид-пандемијата, забележуваме дека има пациенти кои пост-ковид добиле дијабетес. Оние пациенти кои биле потешки ковид-случаи, поради терапијата со кортико стероиди, исто така заболеле од дијабетес“, вели д-р Ахмети.

Сè уште не се набавени сензори за мерење гликемија

Освен кај возрасните пациенти, забележан е и пораст кај децата кои заболуваат од дијабетес. За дијабетес тип 1 има благ пораст, а она што загрижува е тип 2 дијабетесот кај деца и адолесценти, кој расте поради лошите навики кај децата.

„Тие поминуваат многу време пред компјутери и видео игри, не се бават со физичка активност и јадат брза храна, а тоа доведува до појава на болеста“, потенцира д-р Ахмети.

Мета.мк пред една година, објави сторија за младата Миа Чичкариќ која апелираше државата да набави сензори за безболно мерење на гликемија во крвта, за да можат децата да ги одморат прстињата од постојани боцкања со игли. По објавата, екс-министерот за здравство Венко Филипче се сретна со Миа и изјави дека започнала набавката на безболни сензори, но една година подоцна, овие уреди сè уште на товар на оние родители кои приватно можат да си дозволат да ги купат од Австрија и Германија. На 24 јануари годинава, Министерството за здравство ја поништи постапката за набавка на сензори, откако стручна комисија извршила евалуација и констатирала дека ниту една од понудите не е прифатлива.

Минатиот месец, Асоцијацијата за детски дијабетес во Македонија испрати барање за средба со надлежните во Министерството за здравство, на која ќе побараат во најитен можен рок да се набават сензори за континуирано и безболно следење на гликозата за сите деца во државата со дијабетес тип 1, кои мораат да примаат инсулин. За Мета.мк од Асоцијацијата велат дека средба немало, а ги нема ниту потребните сензори.

Како да се заштитиме? 

Во однос на тоа што треба да се прави за да се превенира појавата на дијабетес, д-р Ахмети вели дека треба да се внимава најмногу на исхраната, а посебно треба да внимаваат групите кои се во ризик – гојазни луѓе, луѓето кои имаат во семејството член со дијабет тип 2, оние со предијабет, како и лица со високи липиди и висок крвен притисок.

„Треба да се промени стилот на живот. Да се движат секој ден по 30 минути, односно 180 минути неделно, како и даја подобрат исхраната. Во последно време исто така се препорачува и сонот да е регулиран, за да се избегне стрес. Ова се модифицирачки ризик фактори и а сето ова можеме да влијаеме“, вели д-р Ахмети.

Потребно е и навремено да се прават прегледи и скрининг на ризик групите. Проценките на Националната комисија за дијабетес се дека 60 отсто од луѓето има дијабетес, ама не знаат дека имаат.

„Затоа е важно навреме да се дијагностицира и навреме болеста да се третира. Важно е и да се спречи дебелината бидејќи 30 отсто од дебелите луѓе заболуваат од дијабетес“, додава Ахмети.

460 милиони луѓе во светот живеат со дјабетес

Според податоците на Организацијата на Обединетите Нации, на глобално ниво, 460 милиони луѓе имаат дијабетес. Околу 422 милиони возрасни лица живееле со дијабетес во 2014 година, во споредба со 108 милиони во 1980 година. Глобалната преваленца на дијабетес е речиси двојно зголемена од 1980 година, зголемувајќи се од 4,7 отсто на 8,5 отсто кај возрасната популација.

Ова го одразува зголемувањето на поврзаните фактори на ризик како што се прекумерна тежина или дебелината. Во текот на изминатата деценија, преваленцата на дијабетес се зголемила побрзо во земјите со низок и среден приход отколку во земјите со високи приходи.