Шангајската листа и годинава без македонски универзитет

Меѓу најдобрите илјада универзитети во светот и годинава нема ниту една македонска високообразовна установа. Рангирањето не носи големи изненадувања

Универзитетот Харвард / Pknelson, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Објавено е Академското рангирање на светските универзитети за 2024 година, познато како „Шангајска листа“, од страна на организацијата „ShanghaiRanking Consultancy“.

Меѓу најдобрите илјада универзитети во светот и годинава нема ниту едена македонска високообразовна установа.

Рангирањето кое се објавува по 21. пат, не носи големи изненадувања.

И оваа година на прво место, како најдобар универзитет во светот, е рангиран универзитетот Харвард. Второрангиран е Универзитет Стенфорд, а на трето место се наоѓа Институтот за технологија Масачусетс (МИТ), исто како и минатата година. Сите три универзитети се САД.

Всушност, осум од десетте најдобро рангирани универзитети на Шангајската листа годинава се американски, а друштво им прават британските Кембриџ и Оксфорд.

Од универзитетите во регионот, на листата се наоѓаат Белградскиот универзитет, кој се наоѓа на позиција помеѓу 401-вото и 500-тото место и кој бележи пад од мината година кога беше рангиран помеѓу 301-вото и 400-тото место.

Универзитетот во Нови Сад се задржа на позицијата помеѓу 901-вата и 1000-тата позиција.

На Шангајската листа и годинава се наоѓаат Загрепскиот универзитет (401 – 501) и Универзитетот во Љубљана (501-600).

На листата годинава се најдоа шест грчки универзитети – еден повеќе од минатата година, откако во најдобрите илјада универзитети во светот годинава се вброи и Универзитетот во Патрас.

Освен македонски, Шангајската листа не содржи ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија.

Инаку, во однос на вкупниот пласман на Шангајската листа, Европската унија предничи пред САД и Кина.

Меѓу најдобрите 500 универзитети се наоѓаат 135 универзитети од земјите на ЕУ, 114 американски и 91 кинески.

Шангајската листа, позната како Академско рангирање на светските универзитети, за првпат беше објавена во 2003 година и претставува годишна публикација која ги рангира универзитетите во светот врз основа на нивните академски и истражувачки перформанси.

Препознаена е како најверодостојно глобално рангирање на универзитетите. И годинава биле истражувани над 2.500 институции, од кои објавени се најдобрите илјада универзитети.

Годинава меѓу најдобрите илјада се најдоа 32 нови универзитети.

Министерката Јаневска: Од универзитетските професори се очекува повисок академски ангажман за позиција на Шангајската листа

Со измени на Законот за високо образование и со поголем ангажман на универзитетските професори, може да се подобри квалитетот на високото образование, а потоа и академското рангирање на македонските универзитети, рече министерската за образование и наука Весна Јаневска во интервју за новинската агенција „Мета.мк“ претходниот месец.

Таа рече дека од професорите ќе се бара повеќе да се ангажираат во сите нивни области во образованието, науката и истражувањето.

„Минатата Влада драстично ги покачи платите на универзитетските професори. Јас сум професор и не би сакала никој погрешно да ме сфати – да, универзитетските професори треба да имаат високи плати, и сега, бидејќи навистина имаат високи плати, ќе треба да ѝ возвратат на земјата. Нема да можеме да продолжиме да се однесуваме индолентно на она што Шангајското рангирање го бара. Таму има многу елементи кои ги бараат, но еден од елементите е и научната работа на професорите. Ние имаме и чисто научни институти, но сите високообразовни институции се обврзале дека ќе се бават и со наука. Сметам дека преголем и предолг период ние сите се однесуваме релативно индолентно кон нашите обврски и кон државата, оти, ако сте се обврзале да исполнувате некакви услови за да има напредок на државата, треба и да ги остварувате“, рече министерката Јаневска во интервјуто.

Јаневска додаде дека ќе се бара од универзитетските професори да се вклучат во мрежите на ЕУ и да посветат внимание на домашни, странски и меѓународни проекти, но и да се поврзат со стопанството и бизнис секторот.

Ниту еден македонски универзитет досега не се нашол на Шангајската листа.

[ИНТЕРВЈУ] Јаневска за високото образование: Просветниот инспекторат ќе има многу работа