Сезонска работа во Германија: студентите песимисти, агенциите сè уште се надеваат

Фото: Германското знаме | Автор: Hans Braxmeier, pixabay.com

Студентите кои требаше за време на летниот распуст да заминат на работа во Германија тешко дека ќе можат да ги реализираат нивните планови поради затворените граници и задолжителниот карантин при влез во државата. Иако ситуацијата не ветува многу, агенциите кои посредуваат остануваат оптимисти дека програмата летово ќе се реализира.

Во разговор за Мета, од агенцијата „Контекст“ велат дека се во постојан контакт со работодавачите, кои очекуваат олабавување на мерките, откако поради коронавирусот беа затворени голем дел од угостителските објекти.

„Оваа година Германците со кои соработуваме, т.е. браншите гастрономија и хотелиерство се најмногу погодени, до минатата недела работеа само со достава на храна или drive in, односно со промет намален за 30-80 отсто. Во истиот период се намали и бројот на вработени, па земаа помош од државата за да опстанат и дури од оваа недела почнуваат да се враќаат во нормала“, вели Александра Божиновска, директор на  посредничката агенција „Контекст“.

Според неа, постојат шанси програмата да се реализира, но сигурно не со оној обем кој го имале досега.

„Проблем имаат работодавачите кои користат помош од државата. Доколку имаат побарано државна помош, бизнисите не смеат да вработуваат нови лица, па ни студенти, зашто во спротивно помошта ќе им биде укината“, смета Божиновска.

Фото: Празни угостителски објекти во Германија / Автор: Uwe Jelting, unsplash.com

Таа додава дека сепак има работодавачи кои потврдиле дека не се откажуваат од студентите. Со олабавување на мерките и повторното отворање на рестораните се очекува работите да се сменат.

Но, голем дел од студентите велат дека во ваква ситуација и тие не се подготвени да заминат на работа во странство покажа кратката онлајн анкета која беше спроведена во соработка со Инстаграм профилот @studentarijamk, а на која одговориле 1.272 испитаници.

На прашањето „Дали сметате дека постојат шанси студентите летово да заминат на работа во Германија?“ повеќе од 70% одговориле негативно. Речиси две третини (64%) одговориле дека и да имаат прилика, поради состојбата со коронавирусот нема да заминат на сезонска работа.