Селото Белица е зелената оаза на кичевскиот крај загаден од јаглен [галерија]

Денес, по децениите обележани со иселување, во Белица се враќа животот. Старите камени куќи се обновуваат и заживуваат. Неверојатната енергија и посветеност на дел од жителите во последните петнаесетина години резултирала со обновување и на зградата на некогашното училиште и спортското игралиште до неа, а планираат да направат и тениски терен и базен

Фото: Мета.мк

Кичевското село Белица има сè што природата можела да подари – шуми, плодна почва, вода и чист воздух. Сместено под падините на Илинска планина, ова место е чиста оаза во кичевскиот крај, познат по децениската употреба на јаглен и загадувањето на животната средина.

Белица последните години има петнаесетина постојани жители. Во летниот период, пак сликата се менува. Доаѓаат многу семејства чии корени потекнуваат од овој крај, а сега живеат во поголемите градови или надвор од земјата. Настанот на годината се Беличките средби на крајот на јули. Селото има стотина куќи, повеќето со стара камена архитектура, која денешните жители гордо ги потсетува на нивните претци и нивните огништа. Беличани раскажуваат дека пред седумдесетина години селото имало и 2.000 жители, а селското училиште го посетувале над 200 деца.

Денес, по децениите обележани со иселување, во Белица се враќа животот. Старите камени куќи се обновуваат и заживуваат. Неверојатната енергија и посветеност на дел од жителите во последните петнаесетина години резултирала со обновување и на зградата на некогашното училиште и спортското игралиште до неа, а планираат да направат и тениски терен и базен.

„Здружението за развој на Белица е формирано пред 15 години, целта ни беше да се вратат мештаните, а на селото да му дадеме нов сјај. Формиравме одбор, донесовме одлука да собираме донации и да го реконструираме старото училиште, потоа и црквата. Во овој период обновени се и многу куќи, а се гради и сега. Среќни сме што дојдовме во фаза кога имаме и проект за поставување фотонапонски панели на училишната зграда, планираме да го направиме и игралиштето за тенис, а на крај и базенот“, вели Илија Костески, претседател на Здружението.

Белица од неодамна е дел од проект на Македонското еколошко друштво, поддржан од шведската влада, за формирање на првата зелена комуна во земјава и модел како целиот регион зависен од јаглен да се трансформира кон одржлив развој. Искористувањето на сонцето или ветерот за енергија, развојот на алтернативниот туризам, промоција на локалната традиционална кујна, зачувување на шумското богатство и биодиверзитетот, одржливо користење на ресурсите…се само дел од можностите кои ги има ова село и целиот крај.

„Целта е да создадеме модел за зелена комуна или еколошки освестено село и сите активности во проектот се во насока на одржливо користење на ресурсите, негување на традициите, зачувување на природните богатства и намалување на влијанието на климатските промени во овој регион. Сакаме да ја заживееме Белица во традиционалните еко вредности, да ја претставиме на туристите и да им понудиме уникатно уживање“, вели Робертина Брајаноска, извршна директорка на Македонско еколошко друштво.

Посочува дека во рамките на заложбите за зголемување на отпорноста кон климатските промени, во тек е и набавка на метеоролошка станица што ќе биде лоцирана во Белица и преку неа ќе се следат температурата, влажноста, врнежите, вредностите на ЦО2 и други параметри.

Беличани се многу горди што во поранешна Југославија, во педесеттите години на минатиот век, тука била направена првата хидроцентрала. Селото тогаш било енергетски независно од поголемите градови, а тоа денес им е мотивација повторно да бидат пионери и да ја создадат првата енергетска заедница во земјата. За реализација на таа цел ќе бидат поставени фотоволтаични панели на кровот на училиштето, а во иднина и на црквата и на триесетина индивидуални куќи.

„Како прва зелена комуна во земјата имаме визија да се движиме во повеќе правци. Еден е да бидеме енергетски независни како некогаш во 1953 година, кога е изградена првата хидроцентрала токму во Белица. Имаме многу сончеви денови во годината и сакаме да се постават што повеќе фотовонапонски панели на заедничките објекти и на домаќинствата, како и колектори за топла вода. На тој начин сакаме да дадеме поттик да се обноват што повеќе објекти во селото, а крајната цел ни е да ги вратиме младите на напуштените имоти од нивните претци“, вели Раде Момироски, член на здружението.

Посочува дека Белица изобилува со шуми, реки, извори, има потенцијал во земјоделството и кога би имало млади со желба да останат тука, би имале многу можности, на пример, како производители на здрава храна која е многу барана.

Александар Соколоски е еден од првите млади луѓе кои решил заедно со својата сопруга да се врати в село и тука да го гради животот.

„Местоположбата на Белица е одлична, тоа е чиста средина со квалитетна почва и вода и понастрана од загадувачите на воздухот. Има изобилие на храна и диви шумски плодови, а тоа што го произведуваме е со одличен квалитет. Заради сето тоа гледам перспектива како жител на Белица. Сето друго што го правиме во селото само го подобрува квалитетот на животот овде“, вели Соколоски.

Со голема посветеност на беличани кои несебично донирале, денес старата училишна зграда е реновирана, доградена и адаптирана да функционира како Белички екоцентар и да претставува центар на руралната заедница не само од ова село, туку и поширокиот регион на Илинска-Плакенска планина. Планирано е тука да се врши едукација и промоција на природните вредности на регионот, да се користи за развој на екотуризмот, за промоција на културното наследство, а најважно да биде успешен модел за реплицирање кај другите заедници од регионот и за креирање позитивни промени кај локалното население и враќање на младите во селата. Беличани сакаат да ја реконструираат и најстарата воденица на Беличка река, која повеќе од три генерации во сопственост на семејството на Каме Симуноски, а е зачувана и денес.

Од Македонското еколошко друштво велат дека Илинска и Плакенска планина имаат сочувани шумски заедници со незначителното човеково влијание и претставуваат еколошки коридор за поврзување на популациите на кафеавата мечка, волкот и рисот помеѓу националните паркови Маврово, Пелистер и Галичица и значајно подрачје за развој на зелената инфраструктура, според националната еколошка мрежа (МАК-НЕН).

Планините имаат големи природни богатства, вклучувајќи и значајни станишта и растителни и животински видови, како и глобално засегнати растенија како Sideritis scardica, Oxytropis purpurea. Сепак, на овој регион му треба заштита и одржлив развој бидејќи се сретнуваат активности за интензивно искористување на природните ресурси како шумска сеча со голосек, интензивен лов, криволов, недозволен риболов, неконтролирано собирање печурки или опожарување на шумите. Кичевскиот е еден од регионите со јаглен кој во наредниот период ќе претрпи големи промени поттикнати од енергетската транзиција. Тој пат сигурно нема да биде лесен, а се чини Белица и нејзиниот пример ќе биде првиот чекор во вистинска насока.