fbpx

„Сејф џурналистс“: Да се пронајде и казни тој што се заканува со смрт на новинарите во „Н1“

Заканата е пријавена во Специјалното обвинителство за високотехнолошки криминал. Игор Божиќ, програмскиот директор на телевизијата Н1, вели дека за 10 години, од безброј закани, решени биле само неколку случаи

-

Редакцијата на српската телевизија „Н1“, добила смртни закани синоќа во коментари на веб-страницата, предупреди денеска мрежата „Сејф џурналистс“. Покрај бројните навреди, таргетирање како предавници и закани дека „знаат каде живеат (новинарите) и какви автомобили возат“, во коментарот стоеше и дека „наскоро сите ќе бидат убиени“.

Заканата е пријавена во Специјалното обвинителство за високотехнолошки криминал. Игор Божиќ, програмскиот директор на телевизијата „Н1“, вели дека за 10 години, од безброј закани, решени биле само неколку случаи.

„Поминаа неколку години откако беше пронајден последниот сторител. Институциите чија должност е да ги заштитат сите граѓани, мора да имаат посебна чувствителност кон новинарите кои го претставуваат гласот на граѓаните. Што треба да очекуваат новинарите кога ќе добијат порака дека некој ќе ги убие, а истиот сторител тврди дека знае каде живеат новинарите и какви автомобили возат? Во оваа земја никој не одговараше за три убиства на новинари и еден бомбашки напад во стан. Никогаш не дознавме кој ѝ се заканувал на редакцијата на „Данас“ дека ќе завршат како новинарите на Шарли Ебдо и ред други драстични примери. Моето прашање е дали на некои луѓе им е дозволено да прават сè, па дури и да ги заплашуваат новинарите кои не се по волја на режимот“, рече Божиќ.

Независното здружение на новинари на Србија остро ги осуди ваквите опасни закани, посебно што тие беа изразени на директен начин.

„Државата мора итно да испрати силна порака дека ваквото однесување е неприфатливо и треба да ги осуди упатените закани. Само континуираните осуди и пораката до граѓаните дека ваквите закани се неприфатливи, заедно со репресивните мерки кон оние кои ги вршат и разрешувањето на случаите, можат да направат таквите активности да имаат застрашувачки ефект врз оние кои упатуваат закани, а новинарите ќе се чувствуваат побезбедни“, велат од независното здружение.

Мрежата „Сејф Џурналистс“, која ги застапува медиумските професионалци од Западен Балкан, ги повикува надлежните институции што поскоро да го пронајдат лицето кое оставило ваков коментар и дополнително да го процесуираат овој случај.

Мрежата, исто така, апелира до јавните службеници и политичарите да се воздржат од таргетирање на одредени медиуми во Србија, бидејќи нивната реторика ги охрабрува поединците подоцна да им се закануваат на медиумите на овој начин.

Оттаму исто така велат дека внимателно ќе го следат развојот на настаните поврзани со овој случај и ќе ги информираат релевантните национални и меѓународни чинители.

„Секој напад врз новинари е напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани“, предупредуваат од оваа мрежа, која ја сочинуваат: Здружение на новинари од Косово, Здружение на македонски новинари, Здружение на новинари од БиХ, Хрватско здружение на новинари, Независно здружение на новинарите на Србија и на Медиумскиот сојуз на Црна Гора.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...