fbpx

Седум дена на тешки инфаркти, жртви и нови искушенија

-

Изминативе седум дена  во Македонија настаните се редеа со интензитет невиден од 2001 година наваму.

Во овие седум инфарктни денови, над Македонија се надвија многу воени, безбедносни, политички и терористички настани.

Земјата повторно се врати и на страниците и во прилозите на светските медиуми како ударна вест.

Еве ги настаните од петок 8 мај до петок 15 мај:

8 мај

– Повикувајќи се на информации од медиуми, порталот „Алмакос“ и весникот „Лајм“ објавија вест дека во Кумановско и во околината на кичевското село Зајас биле забележани вооружени групи. Помошникот-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски, за „Мета“ изјави: „Ние ги проверуваме сите оперативни сознанија и информации што доаѓаат до нас“.
– Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во врска со политичката криза во Македонија изјави дека „ситуацијата е многу сериозна и опасна“.
– Претседателот Ѓорге Иванов се подготвува за парадата во Москва по повод 9 мај, Денот на победата над фашизмот.
– Лидерот на европските либералдемократи во Европскиот парламент и поранешен белгиски премиер, Ги Верхофстад, изрази загриженост за сè поголемите тензии во Македонија.
– Протести против полициската бруталност и прикривањето на смртта на Мартин Нешковски се одржаа во Скопје, а се простестираше и оставки од Владата се бараа и во Охрид, Битола и во Штип.

9 мај

Полициска акција во куманската населба Диво Насеље, за, како што иформира МВР, разбивање на терористичка група која, според портпаролот на МВР, планирала напади на државни институции.
„Групата влегла илегално од една соседна држава и преку свои поддржувачи се засолнила. Врз основа на претходните информации, подготвен е план за постапување и беше формиран штаб кој ги координира активностите на терен. Утрово, околу 5 часот, специјалните единици почнаа со реализација, при што наидоа на жесток напад од автоматско оружје, бомби и на снајперски оган. На нападот е одговорено исклучително внимателно и соодветно на ситуацијата. Поради специфичниот терен – куќи и тесни улички – полицијата напредува тактички и врши претреси во околните куќи – рече портпаролот на МВР, Иво Котевски, на првата прес-конференција за случувањата во Куманово, која се одржа во 14.30 часот, речиси 10 часа по почетокот на акцијата. Котевски не соопшти никакви информации за евентуални жртви, иако медиумите веќе шпекулираа за загинати полицајци, па дури и цивили.

– Лидерот на опозацијата, Зоран Заев го повика премиерот Никола Груевски „да излезе пред граѓаните на Македонија и да им објасни кој, зошто, со каква цел ја дестабилизира Македонија“. 

– Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје апелираше на зачувување на мирот и изрази сочувство за загинатите и за повредените во полициската акција во Куманово.

– Иванов ја прекина посетата на Москва и најави свикување на Советот за безбедност

– Српските медиуми јавуваат дека премиерот на Србија, Александар Вучиќ, за 10 мај закажал вонредна седница на Бирото за координација на службите за безбедност, по повод случувањата во Куманово. Српските медиуми објавуваат и информации дека српските власти упатиле дополнителни сили во пограничниот регион со Македонија.

Руското министерство за надворешни работи преку соопштение ги повика сите политички сили во Македонија на конструктивен дијалог, а меѓународната заедница, особено ОБСЕ, да дадат придонес кон таквиот дијалог. Оттаму искажаа и загриженост поради антивладините протести, кои, како што беше наведено во дописот, биле поттикнати од западните земји за да предзвикаат „обоена револуција, чија ескалација била спречена од безбедносните сили и компетентните власти во земјата“.

– Министерката Гордана Јанкулоска доцна вечерта на прес-конференција, видно вознемирена, ги соопшти имињата на петтемина загинати полицајци и информираше дека отпорот на вооружената група бил совладан околу 18 часот и првата група од околу 20 терористи се предале, но дека „припадниците на полицијата сè уште се на терен и ситуацијата сè уште е сложена“.

10 мај

Полициската акција во кумановско Диво Насеље и натаму трае. Се пука, а медиумите известуваат за уште тројца ранети полицајци.

– Околу пладне, портпаролот на МВР, Иво Котевски, информира дека акцијата во Куманово е завршена, дека во акцијата се загинати осум полицајци, дека биле најдените тела на 14 терористи во униформи и бил пронајден голем арсенал на оружје. Лидери на вооружената група биле Мухамед Красниќи, познат како командант Малишева, Мирсад Ндрецај, познат како командант Нато, Сами Ушкини, односно командант Соколи, Бег Ризај и Дем Шеху.

– Премиерот Никола Груевски, на прес-конференција, која почна еден час по таа на МВР, рече дека ова биле најтешките два дена во неговиот живот. Тој посочи дека терористичка група од повеќе од 40 добро вооружени лица, нелегално влегла во Македонија и се сместила во кумановска населба, спремна за крупни терористички напади врз полициски станици, цивили, спортски натпревари.

Седница на Советот за безбедност: На средбата, присутни се и премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, министерот за одбрана, Зоран Јолевски, министерот за надворешни работи, Никола Поповски, и членовите на Советот, Флора Кадриу, Насер Сејдини и Вели Креци. Нa покана од претседателот Иванов, присутвуваат и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, претставникот на ДУИ, Талат Џафери, и претставникот на ДПА, пратеникот Имер Алиу. Претседателот Иванов по седницата рече: „Ова група нема поддршка ниту во Македонија, ниту во регионот, знаевме дека е сочинета од екстремни криминални поединци со добри вештини, не ги потценивме во ниту еден момент да извршат терористички напад и затоа беше во толкав обем акцијата и затоа, за жал, плативме и со толкава цена“. Тој посочи дека за активностите на групата бил запознаен уште на почетокот на годината, по што писмено биле известени партнерските служби за безбедност од 17 земји на ЕУ и на НАТО, но тоа не дало резултати. Тој рече дека ова што ѝ се случува на земјата овие два дена е она на што тој предупредил при неговото обраќање во Обединетите нации (ОН).

 

11 мај

Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на САД, Мисијата на ОБСЕ и Мисијата на НАТО во земјава, со заедничко соопштение: „Силно веруваме дека не смее да се дозволи овој настан да им наштети на односите во општеството. Исто така, се надеваме дека ова ќе биде моментот во кој лидерите на земјата заеднички ќе се ангажираат во дијалог за сите прашања со кои се соочува земјата, вклучувајќи ја и долготрајната политичка криза и неопходните реформи. Официјалните политички претставници овде и во регионот го осудија насилството. Тоа го зајакнува нашето разбирање дека вооружената група во Куманово е изолиран феномен“.

Војската на Србија го подигна нивото на борбената готовност и спремни сме заедно од другите безбедносни структури на Србија да одговориме на сите предизвици што би го загрозиле суверенитетот и интегритетот на Србија и на нејзините граѓани, изјави министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ги повика „сите страни и актери да соработуваат во разјаснувањето на тоа што се случи и обединето да работат на прашањето“.

– Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, се сретна со амбасадорот на САД, Џес Бејли, шефот на делегацијата на Европската унија, Аиво Орав, шефот на Мисијата на ОБСЕ, Ралф Брет, Румен Радев, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО, и со амбасадорот на Турција, Омур Шолендил, контакт-амбасадор на НАТО.

Заев го посети кумановско Диво Насеље. Рече дека на Советот на безбедност не било кажано ништо повеќе од тоа што е соопштено на јавноста. Тој рече дека „за една работа било излажано на Советот“, но не сакаше да го сподели тоа со јавноста.

Средба на амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција, Италија, Германија и на Европската унија со премиерот Никола Груевски. По средбата, во заедничка изјава што ја пренесе амбасадорот на САД, Џес Бејли, беше наведено: „Му ги посочивме нашите грижи на премиерот Груевски, дека неговата Влада не направила напредок во изјаснувањето околу злоупотребите на Владата од објавувањето на аферата. Ова сериозно отвора сомнеж дали Владата на Македонија е посветена на демократските принципи и вредности на евроатланската заедница. Континуираниот неуспех ќе му наштети на напредокот за членството во ЕУ и во НАТО…“

12 мај

– Дваесет и четири часа по акцијата на полицијата во кумановското Диво Насеље, амбасадорите на САД, земјите од Европската унија и западните медиуми, за групата што МВР ја оквалификува како терористичка, почнаа да зборуваат и да пишуваат во наводници или да го употребуваат изразот „наводни терористи“.

– Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека големиот протестен собир на опозцијата, и покрај случувањата во Куманово, сепак ќе се одржи в недела на 17 мај, со почеток во 14 часот.

– Маја Коцијанчич, портпаролка на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, изјави дека Европската комисија бара да се разјасни кој е одговорен за судирот на полицијата и на вооружените лица во Куманово и дека е потребна истрага.

– Амбасадорите на Германија, Италија, Франција, САД, Велика Британија и на ЕУ на средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Граѓани се собраа во 23 градови во земјата за да им оддат почит на загинатите полицајци во акцијата во Куманово и да искажат поддршка на македонската полиција. Настанот, како што беше соопштено, го организираше Граѓанското движење за одбрана на Македонија.

– На средба на лидерите на владината коалиција „За подобра Македонија“, била донесена одлука за одржување на голем митинг на 18 мај во Скопје.
– Доцна вечерта, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и директорот на Упрвата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, си поднесоа неотповикливи оставки на функциите.

13 мај

– Иницијатива на партиите во Собранието за формирање анкетна комисија за утврдување на наводите поврзани со случајот со прислушувани разговори, која, според најавите, би профункционирала кога пратениците од опозицијата ќе се вратат во Собранието, соопшти претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

– На прашање на „Мета“ до Европската комисија дали има реакција за оставките на Јанкулоска, Јанакиески и на Мијалков, портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, одговори дека „е констатирана важната најава за оставки во Владата, што е конкретен чекор кон политичка одговорност во овој контекст“.

– Досегашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков и директорот на ЈП „Македонски патишта“, Владо Мисајловски, се избрани за нови министри за внатрешни работи и за транспрот и врски, со мнозинство гласови во Собранието.

– Кратко по бомбата на опозицијата, на „Јутјуб“ се појави снимка насловена „Зоран Заев бара мито“, на што Заев реагираше и во изјава за медиумите рече дека Груевски, преку обвнителството и МВР, пушта снимки обезбедени со посебни истражни мерки (ПИМ) за да си ја спаси сопствената кожа.

– На средба на лидерите на владината коалиција „За подобра Македонија“, била донесена одлука за одржување на голем митинг на 18 мај во Скопје.

14 мај

– Лидерска средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во Клубот на пратеници. На маса седнаа Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи. Средбата заврши без конечен договор. Сите партии останаа на своите ставови, а нова средба е закажана за 18 мај, понеделник. На средбата, во својство на набљудувачи, беа амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав. „Денеска покажавме дека сме за демократија. Се договоривме за рамка, за продолжување на разговорите. Не отстапивме од нашите барања затоа што се оправдани“, рече Заев и повика на мирни протести.
„Ние сме подготвени за разговор. Разговаравме на повеќе теми и е многу тешко во овој момент да се каже дали разговорите биле успешни “, изјави Груевски.

15 мај

– Зголемено присуство на полициски сили во Куманово. Портпаролот на МВР, Иво Котевски, за „Мета“ изјави дека тоа е „ заради настанатата состојба“.

– Сулејман Османи, терористот кој ѝ избегал на полицијата еден ден по акцијата во Куманово, во интервју за косовската телевизија РТК изјавил дека целта на групата била создавање албанска држава во Македонија, по принципот на Република Српска во Босна и Херцеговина.

– 32. „бомба“ на опозицијата, во која лидерот Зоран Заев објави прислушувани разговори и ја обвини власта за толерирање и за криење на насилничкото однесување на нивни блиски соработници, урбанистичко насилство и уништување на соживотот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Погрешно се тврди дека еден од осомничените за нападот во Москва е чеченскиот милитант Ажиев

Човекот на фотографијата, кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан...