Се одржа тридневна обука за „Борба против дезинформации и проверка на факти“

Еден од обучувачите, еминентниот новинар на Политифакт, Џон Гринберг | Фото: Мета.мк

Десетина млади лица од Југозападниот и Пелагонискиот регион учествуваа на тридневна обука за борба против дезинформации и проверка на факти која се одржа во Струга од 22 до 24 март. Обуката се одржа во организација на Фондацијата Метаморфозис, заедно со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ).

Обучувачи беа тројца новинари, главниот уредник на Вистиномер, Владимир Петрески, уредничката во Мета.мк, Мери Јордановска, и Џон Гринберг од американскиот сервис за проверка на факти, Политифакт.

Самата обука вклучуваше комбинација на теорија и практична работа, почнувајќи од начините на кои се шират дезинформациите и пропагандата, како и за тоа од каде потекнува современиот феномен на дезинформациски наративи. Потоа беа споделени примери за лажни објави во Северна Македонија и во Соединетите Американски Држави (САД). Исто така, се говореше за начините и општите правила за откривање на изјави и објави за кои може да се направи провека на факти, а беше објаснета и методологијата односно техниките за проверка на факти.

Учесниците беа поделени во групи и имаа задача да најдат соодветна изјава за која може да се изврши проверка на факти.

Понатаму, обуката вклучуваше информирање во однос на најчесто споделуваните содржини кои содржат дезинформации, но и беа дадени препораки како новинарите можат да се заштитат од споделување на некомплетни, злонамерни, манипулирани информации од некредибилни извори. Воедно, беа споделени и испробани повеќе алатки кои се користат при проверката на факти.

Обучувачите посветија доволно внимание и на примерите на користење на говор на омраза, што е кривично дело. Беа објаснети и основите на системот за саморегулација на медиумите. На крајот, учесниците имаа групна задача да ги изработат контурите на една проверка на факти.

На сите учесници им беа доделени сертификати за успешно завршување на обуката.

Инаку, овој настан е дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука“ на Фондација Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (ICFJ), а е реализирана со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Ова е втората од вкупно четири обуки што ќе се одржат во рамки на оваа програма, која има и натпреварувачка компонента. Поточно, најдобрите учесници на четирите обуки ќе добијат можност да бидат практиканти во еден од трите медиуми кои ги издава Фондацијата Метаморфозис, Мета.мк, Порталб.мк и Вистиномер.мк. На крајот, двајца од нив ќе одат на еднонеделна студиска посета на САД во организација на ICFJ.

Младите лица на возраст до 29 година кои се од Југоисточниот и Вардарскиот регион, набргу ќе можат да се пријават за следната трета обука во рамки на програмата, која ќе биде на тема Новинарство базирано на податоци и визуелизации на податоци.