Само чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС ќе трае од 15 до 18 месеци

Фото: Архива на Мета

До крајот на март ќе се знае која компанија ќе го чисти линданот од ОХИС. Во моментов во тек е финалната фаза од евалуацијата на понудите кои пристигнаа на тендерот. Комисијата веќе имала средби во седиштето на Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации, УНИДО во Виена, а во текот на месецот ќе биде објавена и одлуката која од пријавените компании ќе треба да се справи со токсичниот отпад и на кој начин.

По изборот, компанијата пред да започне со работа ќе треба да ги добие потребните дозволи, кои, како што информираат од Министерството за животна средина, ќе бидат издадени во најкраток рок, со цел работите на терен да започнат што е можно побрзо.

„Условите и критериумите за изведување на секоја фаза од процесот на отстранување на контаминираната почва се строго утврдени и  наведени при објавата на тендерот. Тендерот се однесуваше на малата депонија, но компаниите имаа можност да се искажат за пристапот на чистење и на големата депонија. Финансиските аспекти на чистењето на депонијата ќе бидат јавно достапни по завршување на постапката за избор на комапанијата, кога ќе се знаат и постапките за ремедијација кои се дел од самата понуда и експертиза на компаниите “, информираат од Министерството.

Чистењето само на малата депонија со линдан, во кругот на ОХИС ќе трае од 15 до 18 месеци, а од избраната компанија ќе зависи и каде ќе заврши токсичниот отпад. Инсталации за соодветен третман на линдан, според Сузана Андонова од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи (ПОПС), има во повеќе развиени европски држави.

„Во двете депонии, во моментов се претпоставува дека се наоѓаат околу 55.000 тони отпад од некогашното производство на линдан, но точните количини ќе се знаат кога ќе започнат работите на терен. Отпадот е во вид на прав и паста, а се претпоставува дека расчистувањето ќе трае до година ипол. Проектот има рок до крајот на 2021 година, што значи дека би требало малата депонија да е исчистена во тој рок“, вели Андонова.

Сепак, граѓаните на Скопје ќе треба уште долго време да се соочуваат со влијанијата и последиците од историскиот отпад на ова жариште, со оглед на тоа дека во дворот на ОХИС ќе остане и втората, односно поголемата депонија од линдан. За неа дополнително ќе треба да се обезбедат финансиски средства за расчистување, а во моментов не е дефинирано ниту дали чистењето и на таа локација ќе може да продолжи веднаш по завршување на малата или ќе треба да се распише нов тендер. Освен линданот, оваа еколошка бомба на жителите на Скопје и околината им се заканува и со други отровни хемикалии како жива, пестициди, киселини и ПВЦ во прав, хербициди, фунгициди, полиакрил, естери и многу други супстанци.