Сакура – фестивал на јапонската култура утре во МКЦ

На свеченото отворање во 11 часот говори ќе одржат амбасадорот на Јапонија Оцука Казуја и директорката на Директорат за билатерални односи со воневропски држави/ МНР. На отоворањето, амбасадорот ќе одржи и мал концерт на класична гитара

фото: Јапан@мк

Во Младинскиот културен центар (МКЦ)- Скопје утре ќе се одржи фестивалот за јапонска култура Сакура фестивал – како заедничка прослава на културата инспирирана од Јапонија и по повод 30 годишнината на македонско-јапонските дипломатски односи.

На свеченото отворање во 11 часот говори ќе одржат амбасадорот на Јапонија Оцука Казуја и директорката на Директорат за билатерални односи со воневропски држави/ МНР. На отворањето, амбасадорот ќе одржи и мал концерт на класична гитара.

Во програмата се предвидени случувања од сите аспекти на културата, поп-културата и субкултурните текови.

„Листата е долга и исполнета со звучни имиња. Имаме три концерти од млади музичари, еден пијано концерт, лајв сет со амбиентална музика, балет инспириран од јапонски буто танц, три панел дискусии (за јапонска култура и природа, архитектура и филм), претставување на 5 јапонски боречки вештини, две работилници, презентации и церемонија на чај, цртање во живо, две групни изложби, 4 натпревари во гејминг, 4 модни дизајнери, два ресторани со јапонска храна и над 15 излагачи на базар за изработки, аниме квиз, косплеј презентација, и мануелно принтање во живо“, велат од организацијата Japan.net.mk.

Слоганот на ова издание на фестивалот „Расцути ја иднината“, поврзано и со самото име на фестивалот Сакура (црешов цвет), повикува кон градење на поодржлива иднина за сите, за која треба да почнеме да работиме уште веднаш.

Мотото потекнува од јапонскиот израз „мотаиниа“ кој значи „немој да го трошиш она што е вредно“.