„#ПрваМенструација“ в понеделник во МКЦ

Настанот почнува во 18 часот со свечено отворање со претставници од Француската амбасада во Скопје, по што следува квиз на тема „Сеопфатно сексуално образование“. Ќе се проектираат кратки филмови, а настап ќе има и бендот „Долорес“ од Србија

фото: Тиииит! Инк.

Во понеделник, на 27 мај, ќе се одбележи Меѓународниот ден за менструална хигиена со настан на тема „#ПрваМенструација“, соопшти организацијата Тиииит! Инк. Настанот почнува во 18 часот со свечено отворање со претставници од Француската амбасада во Скопје, по што следува квиз на тема „Сеопфатно сексуално образование“.

Ќе се проектираат кратки филмови, а настап ќе има и бендот „Долорес“ од Србија.

„Овој настан е организиран со цел публиката да се информира за значењето на менструалната правда, како конечно да се искорени менструалната сиромаштија и да се срушат табуата и стигмата поврзани со менструацијата. Како главен фокус на овој настан ќе биде поставувањето на диспанзери за бесплатно пристапување до влошки за менструална хигиена. Иницијативата која беше покрената пред неколку години ќе се оствари оваа година, со поддршка од Француската амбасада во Скопје. Со оваа акција МКЦ ќе стане првата јавна културна установа која нуди пристап до бесплатни менструални продукти“, велат од Тиииит! Инк, кои го организиран настанот заедно со ПЕРИОД Скопје и ХЕРА, со поддршка на Француската амбасада Скопје.

Обезбедувањето на пристап до бесплатни менструални продукти е еден од начините за да се искорени менструалната сиромаштија и да се обезбеди достоинствено менструирање, велат организаторите.

„Водејќи се од позитивни примери и успешни иницијативи и практики во други земји, се надеваме дека ова право, а не привилегија, ќе биде достапно за сите лица кои менструираат и во РСМ и дека оваа акција ќе биде поттик и мотивација за да започнат да ја практикуваат и останатите релевантни установи и институции низ градот Скопје и низ целата земја!“, се вели во соопштението на Тиииит! Инк.