fbpx

Русија можела да се вооружува и да ја напаѓа Украина, а таа не смее да добива оружје за да се брани

. Станува збор за пропаганда на Кремљ, за да се оправда руската инвазија врз Украина. Факт е дека Русија е таа која ја почна војната и ја нападна Украина, дека зема нејзини територии и продолжува тоа да го прави. Украина има право да се брани и да го одбрани својот територијален интегритет во што ѝ помагаат земјите од НАТО и ЕУ

-

Објавата ги извртува тезите, прави тенденциозни конструкции поврзувајќи го и атентатот на словачкиот премиер Фицо со војната во Украина, па манипулативно тврди дека Америка и Западот сакаат војна и трупаат оружје во Украина. Станува збор за пропаганда на Кремљ, за да се оправда руската инвазија врз Украина. Факт е дека Русија е таа која ја почна војната и ја нападна Украина, дека зема нејзини територии и продолжува тоа да го прави. Украина има право да се брани и да го одбрани својот територијален интегритет во што ѝ помагаат земјите од НАТО и ЕУ. Но, објавата заборава да каже дека и Русија трупа оружје, ама за напад и за воен поход врз Украина, а во тоа ѝ помагаат земји како Северна Кореја, Иран, Белорусија и Кина, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува инсинуации во врска со атентатот на словачкиот премиер Роберт Фицо, притоа доведувајќи го настанот во корелација со војната во Украина, нагласувајќи дека Фицо се залагал за мир во Украина, а Западот и САД само трупаат оружје.

Извршен атентат врз прорускиот претседател на Словачка. Можам сигурно да претпоставам чие дело е тоа. Не се работи за атентаторот. Има сили кои го наоѓаат и го плаќаат за да изврши атентат. Цело време се залагаше за прекин на војната меѓу Русија и Украина за разлика од Америка и западот кои цело време трупаат оружје во Украина, стои во објавата.

Според она што досега е познато за атентатот на Фицо, а што го објавија медиумите, напаѓачот е идентификуван како 71-годишниот Јурај Цинтула, самонаречен писател, кој претходно работел како чувар и кој наводно е поврзан со проруската група Словенски бранци.

Што се однесува до тврдењето дека Америка и Западот не сакаат мир во Украина и дека постојано трупаат оружје таму, тоа е тенденциозно и манипулативно. Прво, војната во Украина не ја почнаа ниту Америка, ниту западните земји, туку војната ја почна Русија.

 

Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани

На 24 февруари 2022 година, руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Владимир Путин, кој најави „специјална воена операција“ во раните мугри и покрај предупредувањата од светските државници дека потегот може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година.

На нападот му претходеше одлуката на рускиот претседател Путин од 21 февруари 2022 година, за признавање на независноста на таканаречените народни републики во Доњецк и Луганск, кои од 2014 година се под контрола на проруските сепаратисти. Ваквата одлука на Путин му овозможи директно да испрати руски воени единици во Источна Украина, каде веќе беа во тек повремени судири меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.

Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите, односно да наметне низа оправдувања за своите напади. Вистината е дека Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година. Украина како независна држава со територијален интегритет и суверенитет има право да се брани и да ги користи расположливите средства како помош од своите пријатели, пред сè од НАТО и ЕУ. Доколку не го прави тоа, тогаш таа би се соочила со уште поголеми територијални претензии од страна на Русија.

НАТО ја осудува руската неиспровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана.

НАТО помага да се координираат украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставување на хуманитарна помош. Членот 5 како безбедносна гаранција овозможува колективна одбрана и овозможува Алијансата да испраќа оружје за Украина без да ја загрози својата безбедност. Понатаму, добро оформената структура за заеднички стандарди на Алијансата и интероперабилни системи ѝ дозволува на Алијансата да доставува опрема со сигурност дека доставите до Украина може да се дополнат со компатибилна опрема од други сојузници. Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема вклучително со противтенковски и системи за воздушна одбрана, дронови и тенкови, пишува на страницата на НАТО.

Според податоците што ги објави Ал Џезира лани, повикувајќи се на Килскиот институт за светска економија, германски тинк-тенк, западните сојузници вложиле најмалку 75,2 милијарди евра (80,5 милијарди долари) финансиска, хуманитарна и воена помош во периодот од 24 јануари до 20 ноември 2022 година.

Со 47,8 милијарди евра (51,2 милијарди долари) во обврски, САД се најголемиот придонесувач на Украина, со најмалку 22,9 милијарди евра (24,5 милијарди долари) наменети за воени цели, 15,05 милијарди евра (16,1 милијарди долари) финансиска помош и 9,9 милијарди евра (10,6 милијарди долари) во хуманитарна помош.

Воената помош, ваква каква што е сега, вклучува оружје, опрема и финансиска помош за украинската војска. Хуманитарната помош опфаќа медицински, прехранбени и други производи за цивилите, додека финансиската помош доаѓа во форма на грантови, заеми и гаранции.

САД и западните земји и натаму ја помагаат Украина со цел таа да се одбрани од руската агресија.

 

И Русија трупа оружје, но за да напаѓа

Но, она што објавата изоставила да го каже е дека не само што Украина се снабдува со оружје, туку истото го прави и Русија. И Русија трупа оружје и делови од Иран, Белорусија, Северна Кореа и Кина.

Разликата е во тоа што Украина бара оружје за да се одбрани, а Русија се снабдува со оружје за да напаѓа.

Како што објави Си-ен-ен во февруари 2024 година, повикувајќи се на информации од јужнокорејскиот министер за одбрана, севернокорејските фабрики за муниција „работат со полн капацитет“ за да произведат оружје и гранати за Русија.

Оружјето и воената опрема, кои вклучуваат милиони гранати артилериски гранати, и се доставуваат на Русија во замена за пратки со храна и други потреби, изјавил јужнокорејскиот министер за одбрана Шин Вон-сик, пренесе Си-ен-ен.

Од август 2023, Пјонгјанг испорачал околу 6.700 контејнери во Русија, според министерството на Шин. Во информативниот документ објавен во февруари 2024 година американскиот Стејт Департмент соопшти дека Северна Кореја  од септември 2023 година ѝ испорачала на Русија повеќе од 10.000 контејнери со муниција или сродни материјали. Пред три месеци, Ројтерс објави дека Иран ѝ испраќа на Русија стотици балистички ракети.

Иранската пратка од околу 400 проектили вклучува многу од семејството на балистичко оружје со краток дострел Фатех-110, како што е Зулфиќар, изјавија три ирански извори на Ројтерс. Оваа мобилна ракета е способна да погоди цели на растојание од 300 до 700 километри (186 и 435 милји), изјавуваат експертите.

Во Украина се користат и иранските дронови „камикази“ Шахед. Европската Унија му воведе санкции на Иран поради испораката на дронови во Русија.

Санкции од ЕУ за испорака на оружје во Русија, заработи и Белорусија.

ЕУ силно ја осудува континуираната поддршка што режимот на Лукашенко ја дава на руската воена агресија против Украина и ја повикува Белорусија да се воздржи од такви акции и да се придржува до своите меѓународни обврски, објави ЕУ.

На веб- страницата на Европскиот совет се наведува дека:

Белорусија придонесува за воената агресија против Украина на различни начини, дозволувајќи ѝ на Русија да истрела балистички ракети од белоруска територија,
овозможувајќи транспорт на руски воен персонал и тешко оружје, тенкови и воени транспортери, дозволувајќи им на руски воени авиони да летаат над белорускиот воздушен простор во Украина, обезбедување точки за полнење гориво, складирање на руско оружје и воена опрема во Белорусија.

Што се однесува до Кина, таа доби предупредување од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за тоа што на Русија ѝ обезбедила врвна технологија, како што се полупроводници.

Од вкупното количество електроника што Русија го увезе минатата година, 90 отсто доаѓаат од Кина и се користат за производство на ракети, тенкови и авиони. Кина, исто така, работи на тоа да и обезбеди на Русија подобрени сателитски способности и снимање, рече Столтенберг.

Повеќе на оваа тема прочитајте тука.

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата ги извртува тезите, прави тенденциозни конструкции поврзувајќи го и атентатот на словачкиот премиер Фицо со војната во Украина, па манипулативно тврди дека Америка и Западот се тие кои сакаат војна и трупаат оружје во Украина. Станува збор за пропаганда на Кремљ, за да се оправда  руската инвазија врз Украина. Факт е дека Русија е таа која ја почна војната и ја нападна Украина, дека зема нејзини територии и продолжува тоа да го прави. Украина има право да се брани и да го одбрани својот територијален интегритет во што ѝ помагаат земјите од НАТО и ЕУ. Објавата заборава да каже дека и Русија трупа оружје, но за напад и за воен поход врз Украина, а во тоа ѝ помагаат земји како Северна Кореја, Иран, Белорусија и Кина. Поради сето погоре, оценуваме дека објавата што ја анализираме е неточна.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Муцунски во МНР, Тошковски во МВР, Мисајловски министер за одбрана, Мицкоски ги соопшти имињата на својот кабинет

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски вечерва ги соопшти имињата на предлозите од коалицијата „Твоја Македонија“ за кандидати за членови на новата влада. Министер за надворешни работи и...