Русија лансираше ново оружје во вселената во истата орбита со сателит на САД – обвини Пентагон

Според портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер, Вашингтон ќе продолжи да ја следи ситуацијата ѝ е подготвен да ги заштити своите интереси

Photo: Expedition 20 Crew, NASA, Public domain, via Wikimedia Commons

Соединетите Американски Држави (САД) ја обвинија Русија дека лансирала сателит кој веројатно е вселенско оружје што има можност да таргетира други сателити. Според Пентагон, ова оружје е поставено во истата орбита како сателит на САД.

Според портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер, Вашингтон ќе продолжи да ја следи ситуацијата ѝ е подготвен да ги заштити своите интереси.

„Ние имаме одговорност да бидеме подготвени да го заштитиме и браниме доменот, вселенскиот домен и да обезбедиме континуирана и непрекината поддршка на Здружените и комбинираните сили“, рече тој, а пренесе Гласот на Америка на македонски јазик.

Инаку, вооружувањето во вселената е можен иден глобален тренд што членките на Советот за безбедност на Обединетите нации го осудија иако не успеаја да донесат мерка против него.

Имено, Русија поднесе резолуција пред Советот за безбедност која беше одговор на резолуцијата предложена од САД и Јапонија, која пропадна минатиот месец. Ривалските нацрт резолуции се фокусираа на различни видови оружје, при што САД и Јапонија го специфицираа оружјето за масовно уништување, односно нуклеарното оружје. Во рускиот нацрт се дискутираше за сите видови оружје.

САД и нивните сојузници рекоа дека резолуцијата за која 15-члениот совет расправаше во понеделникот беше едноставно наменета да го одвлече вниманието на светот од вистинската намера на Русија: вооружување во вселената.

Заменик-амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд рече дека „на 24 април Русија стави вето на резолуција поддржана од 13 членки на Советот за безбедност, која ги повика сите земји-членки да не развиваат нуклеарно оружје специјално дизајнирано да се позиционира во орбитата“.

Според него, поставувањето нуклеарно оружје во орбитата не само што ќе го прекрши Договорот за вселената, туку и ќе ги загрози човечките вселенски летови како како и виталните комуникациски, научни, метеоролошки, земјоделски, комерцијални и национално-безбедносни служби.

„Го слушнавме претседателот Путин како јавно кажа дека Русија нема намера да распоредува нуклеарно оружје во вселената. Ако беше така, Русија немаше да стави вето на таа резолуција“, рече Вуд пред гласањето за руската резолуција.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, негираше дека неговата земја се обидува да манипулира со светот. Поддржан од претставникот на Кина и други членки на Советот, тој го нарече гласањето „уникатен момент на вистината за нашите западни колеги“.

„Ако не успеат да го поддржат ова, тогаш јасно ќе покажат дека нивниот главен приоритет останува да ја тргнат слободата од патот на забрзана милитаризација на вселената“, рече Небензија.

Секоја нација вели дека сака оружјето да биде забрането во вселената, а членовите на советот го повторија тоа во понеделникот. Но, кога дојде време за гласање, седум членки беа „за“ и седум „против„, а Швајцарија беше воздржана. Мерката пропадна според правилата на ОН бидејќи не доби девет гласа.

Советскиот Сојуз и Соединетите Држави испратија луѓе во вселената во 1961 година. Шест години подоцна, Советите, САД и Обединетото Кралство потпишаа договор со кој ја прогласија вселената како глобална заедничка сопственост што може да се користи само за мирољубиви цели.

Портпаролот на Пентагон за американски „Вокс“ вели дека нуклеарната детонација во вселената би била „катастрофална“ и „претставува закана за илјадници сателити со кои управуваат држави и компании ширум светот, како и за виталните комуникациски, научни, метеоролошки, земјоделски, комерцијални, и националните безбедносни служби од кои сите зависиме“.

Тоа, исто така, би означило голем чекор кон милитаризација на вселената и потенцијално нова и уште поопасна ера на нуклеарни закани.