Младите од Велес отворено зборуваа за предрасудите за родова еднаквост

Настаните „Простор за разговор“ ги организираат ХЕРА и Интерарт културниот центар, поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан

Фото: ХЕРА

На културната сцена во Велес денеска беше изведен перформанс како дел од настанот „Простор за разговор“, чија основна цел е рушење на стереотипите и подигање на свеста за родовата еднаквост. Како што информираат во ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, целта е преку овој перформанс да им се обезбеди простор на младите отворено да зборуваат за предрасудите за родовата еднаквост.

„Сите сакаме здраво, хумано и грижливо општество во кое младите се информирани, слушнати и поддржани преку разбирање и прифаќање на родовата еднаквост која е основа за слободен израз и остварувањето на сечиј потенцијал“, рече Драгана Каровска Чемерска од ХЕРА, која е и координаторка на проектот.

Настаните „Простор за разговор“ ги организираат ХЕРА и Интерарт културниот центар, поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан.

Светлана Здравковска, проектен менаџер во ГИЗ истакна дека активно работат на промовирање на родовата еднаквост како една од своите главни заложби.

„Сметаме дека е важно што овие културни настани создаваат простор за разговор со младите за оваа важна тема, оти тие го носат потенцијалот за позитивни промени во рамки на своите заедници. Настаните вклучуваат изведби на современ танц, како и дискусии за родовата еднаквост адресирајќи го прашањето од различни перспективи. Веруваме дека културната сцена го овозможува тоа и може да биде двигател кон позитивни промени во насока на родова еднаквост“, рече Здравсковска.

Настанот го модерираше активистката Ана Зафировска. Повикувајќи се на податоци од „Реактор“, кажа дека повеќе од половина од жените на работоспособна возраст не се ниту вработени, ниту регистрирани во Агенцијата за вработување.

„62 отсто од нив не бараaт работа поради тоа што се грижат за семејството. Патем жените извршуваат 72 отсто од неплатената работа поврзана со домот, децата возрасните, нели тоа е „работа“ на жената. Жените со високо образование заработуваат помалку од мажите со високо образование, иако во просек тие се пообразовани од мажите. Со вакви бројки не можеме да зборуваме за демократија и родова еднаквост“, рече Зафировска.

Сашо Димовски, директор на Народниот театар во Велес рече дека различностите се манифестираат во различни форми, но се интегрален дел на начинот на кој што функционира сложениот механизам на светот.

„Простор за разговор“ утре е на сцената во Битола, а на почетокот на јуни ќе се одржи во Охрид и Струга.