Роверот „Персеверенс“ успеа да го земе првиот примерок карпа од Марс

Направената дупка во карпа од вториот обид на роверот да земе примерок од Марс; Фото: NASA/JPL-Caltech

НАСА потврди дека роверот „Персеверенс“ успеал да го земе првиот примерок од карпа на Марс, јавува Би-би-си. Најновите снимки на НАСА потврдуваат дека примерок од карпата е безбедно внесен во роверот, при што истиот треба да биде вратен на Земјината топка за нејзини натамошни испитувања.

Би-би-си појаснува дека станува збор за историски чекор за човештвото, бидејќи за првпат карпест материјал собран од друга планета ќе биде донесен на Земјата за натамошни истражувања.

Инаку, роверот „Персеверенс“ беше испратен на Марс токму за да собере 20-тина парчиња од тлото на оваа планета во наредниот период од околу една година, кои пак треба да бидат донесени на Земјината топка преку заедничка соработка на САД и европските земји во текот на нареднава деценија.

Научниците сметаат дека седиментите на кратерот Језеро содржат траги од микробиолошки живот што постоел некогаш на Марс. Токму оваа површина на планетата е предмет на истражување на роверот, бидејќи се смета дека на ова место може да се пронајде седиментна структура која се формира на долниот дел на реките и е создадена од еродиран материјал носен низводно. Освен депонираните карпи и песок, се претпоставува дека во некои слоеви на делтата има и органски јаглерод.

Роверот „Персеверенс“ беше лансиран од Земјината топка на 30 јули минатата година, и по седум месеци летање, во февруари годинава успешно слета на Марс и веднаш почна да ги истражува знаците на микробиолошки живот на оваа планета.