Романот „Прекачување“ достaпен на македонски јазик

Фото: Корица на романот „Прекачување“, издавачка куќа НОРША

Книгата „Прекачување“ од Матеј Хоржава сега е достапна и на македонски јазик во издание на НОРША ИЗДАВАШТВО.

„Во превод на Драган Георгиевски, романот на македонскиот читател му ја претставува Грузија заедно со обичаите и секојдневието на грузискиот народ, кој иако навидум изгледа далечен, сепак по многу нешта наликува на македонскиот народ. Претставувајќи го и специфичното грузиско писмо, сметаме дека книгата ќе стане вреден дел од сечија домашна библиотека.“, велат од издавачката куќа за ново издадениот роман.

Ова е втор пат дело на овој млад автор да ѝ биде достапно на македонската читателска публика, неговиот прв роман „Ракија“ беше преведен од истиот преведувач.

Издаваштвото „НОРША“ е формирано во 2019 година. Најмногу дејствува во издавање на преводна литература со цел да доближи што поголем број на книжевни дела создадени на различни јазици кон македонските читатели, а нивно обележје е и што името на преведувачот го сместуваат на предната корица заедно со името на писателот. Досега ги има издадено книгите: Горилочувар“ од аргентинскиот автор Роберто Арлт – збирка раскази за Африка и Истокот, „Тивко врескај, братче“ од чешката писателка Ивона Бжезинова – роман за аутизмот во сите негови бои и „Сестра Смрт“ од чешкиот писател Даниел Петр – детективски роман според вистински настан. Во текот на 2022 година е предвидено да се претстави со нови изданија меѓу кои ќе се најдат и преводи од словачки и бугарски јазик.