Денеска во Скопје започнува BookStar 2021 – фестивалот на европска литература

Оваа година по седми пат во Скопје ќе се одржи фестивалот на европска литература BookStar, важна книжевна манифестација која е првата од ваков тип за презентација на европска литература во нашата држава.

Како организатор на литературниот настан, издавачката куќа „Антолог“ со големо задоволство го најавува почетокот на овогодинешната програма. Истата започнува денеска во 18:00 часот во МКЦ, со свечено отварање на Саемот на европската литература и презентација на книжарницата на тркала „Зборче“ во склоп на EIBNW (Europe is Brave New Wor(l)ds).

Освен Младинскиот културен центар, локации што се дел од програмата се и киното „Фросина“ и просториите на Europe House. Најавени се учесници и автори од европските земји: Австрија, Исланд, Белорусија и Шведска и од земјите во регионот: Црна Гора, Косово, Хрвастка, Србија и Словенија.

Промоција на „Viola arsenica; белешки за поезијата“ од Влада Урошевиќ, вечерва во 21:00 часот.

 

„Книжни ѕвезди“ е организиран настан што содржи промоции на книги, презентации, дебати, работилници, поткасти, интервјуа, средба со уметници, предавања и саем на европската литература. Првото издание беше организирано во октомври 2015 година во Скопје, a oд следната година почна да се доделува награда за најзначајна книга објавена помеѓу две изданија на фестивалот, што се состои од плакета и статуетка BookStar.