Родителите до утре во училиштата да ги достават документите за финансиска помош

„За учениците чии родители не се во брак, информираме дека изјава пополнува само родителот на кој со судска одлука му е доделено правото на старателство, без да се достави писмена согласност од другиот родител“, велат во МОН

Photo by javier trueba on Unsplash

Голем е интересот кај родителите за добивање финансиска помош за основците и средношколците од страна на државата. Родителите можат да ги достават документите во училиштата до утре (до понеделник училиштата треба да ги достават документите во МОН). Потребно е да се обезбедат документите кои беа наведени во јавниот повик што го објави Министерството за образование и наука (МОН).

„Родителите/старателите кои се приматели на гарантирана минимална помош од државата, при аплицирање за остварување на правото на финансиска поддршка за своите деца – ученици, како доказ за средствата кои ги добиваат, доставуваат само решение за добивање на гарантираната минимална помош издадено од Центарот за социјални работи. Родителите/старателите кои не се во работен однос, немаат обврска да достават потврда од Агенцијата за вработување, туку треба да достават извод од сите лични трансакциски сметки за претходен месец како доказ дека не постојат  приходи по основ на плата (ако не доставуваат решение за примање на гарантирана минимална парична помош)“, појаснуваат во МОН.

Оттаму велат дека родителите/старателите кои не поседуваат трансакциски сметки, треба да дадат своерачна изјава дека не поседуваат трансакциска сметка и истата не треба да биде заверена на нотар. Потоа министерството врши проверка на податоците.

„За учениците чии родители не се во брак, информираме дека изјава пополнува само родителот на кој со судска одлука му е доделено правото на старателство, без да се достави писмена согласност од другиот родител. Ова важи и за децата од вонбрачни заедници, изјава и податоци доставува само едниот родител“, појаснуваат во МОН.

Правото на финансиска поддршка од 1.200 денари за основци, односно 1.800 денари за средношколци им следува и на учениците од приватните училишта кои имаат верификација за работа од Министерството за образование и наука.