fbpx

РКЕ: Да не се даваат дозволи за градење ако не е наведено како ќе се грее објектот

-

Домаќинствата треба да имаат економичен, ефикасен и еколошки енергенс за затоплување на домовите, а операторите на дистрибутивната мрежа треба точно да знаат каде и во кои реони треба да ги зајакнат инвестициските циклуси во мрежата, за да ги сведат на минимум можните дефекти и да нема испади во системот.

Тоа е во основа и целта на предлогот-текстот што Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, РКЕ, го испрати до Министерството за транспорт и врски, а со кој се бараат корекции во предлог-законот за градење. Тие значат, при издавањето на одобренијата за градба, задолжително да биде наведено на што ќе се затоплува новиот објект што ќе се гради.

„Со ова предлог решение треба да се искористат најефикасно и најекономично ресурсите со кои располага државата, за да се реши греењето на граѓаните. Оваа иницијатива е преземена од европските метрополи, модел кој не фаворизира, туку дава предвидливост, сигурност и стабилност во испорака на енергијата. Ќе има однапред мапирани реони и ќе се знае, каде и на кој енергенс ќе се загреваат домовите и објектите. Онаму, каде што има организиран систем на греење, новите градби ќе се приклучат на истиот, но доколку инвеститорот покаже дека има поефикасен систем за да го реши проблемот со греење, не е спорно тоа и да го реализира“, изјави Марко Бислимовски, претседателот на РКЕ.

Тој додаде дека во тек се заднички анализи меѓу РКЕ и БЕГ за вградување на калориметри кои ќе ја мерат потрошената енергија во домаќинствата што се греат на парно, со што тие ќе можат да прават значителни заштеди. Тоа ќе биде возможно само кај хоризонталните системи на греење, а не и кај вертикалните. Пресметките треба да покажат колку ќе чини набавката и вградувањето на калориметрите, дали тие трошоци ќе бидат оправдани и за БЕГ и за станарите, и каков ќе биде начинот на нивна отплата, дали преку сметките за парно, ќе има ли субвенции и слично.

„Сѐ уште не постои законска обврска за вградување на калориметри, а претпоставка е дека би можело да се стават околу 2.000 калориметри годишно, во приближно 25.000 постојни објекти со хоризонтален систем на затоплување“, посочи Бислимовски.

Според РКЕ, најголем потрошувач на гас во земјава е гасната електрана топлана ТЕ-ТО, потоа топланите, компаниите од металната, прехранбената и општата индустрија. Приклучени на природен гас се и Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, болницата 8-Септември, Министерството за одбрана, а од оваа сезона и Соборниот храм.

Минатата година била рекордна во потрошувачката на гас, при што биле потрошени 296 милиони нормални кубни метри (нм3), што во споредба со 2018 година е зголемување од 14 отсто. ТИРЗ-те лани презеле околу 5 милиони нм3, за 6 отсто повеќе од 2018 година, ЈП „Струмица гас“ испорачало 675 илјади нм3 или за 15 отсто повеќе, а 536 илјади нм3 или за 6 отсто повеќе од 2018 испорачало ЈП „Куманово гас“. Лани на дистрибутивната мрежа биле приклучени 389 потрошувачи, од кои 286 домаќинства.

„Се очекува да се зголемува интензитетот на приклучување на домаќинствата, со изградбата на секундарната гасоводна мрежа, што ќе биде по завршувањето на јавниот повик за избор на дистрибутер на природен гас, кој е во тек. Новиот дистрибутер ќе има обврска да изгради дистрибутивни мрежи во сите градови низ земјава“, рече Бислимовски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...