„Повеќе од две години бевме фокусирани на зголемување на инспекциските контроли во сите области, со цел подобрување на животната средина и квалитетот на воздухот и решавање на дел од сообраќајниот хаос, со посебен акцент на непрописното паркирање и паркирање во зелени површини. Инспекторатот на Град Скопје е прва институција од ваков вид во државава која е достапна за граѓаните 24 часа и е целосно транспарентна. Воведовме 24 часовно дежурство на комуналните инспектори, вршиме секојдневни контроли на градилиштата, на подземните контејнери, спроведуваме акции во соработка со МВР за отстранување на нелегални продавачи на разни локации, успешно ја спроведовме првата кампања за собирање остатоци од берба на стрништата, беа изречени и казни за палење“, рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека за 134 отсто е зголемено постапувањето по барање на граѓани (односно од 82 барања во 2018 година, на 192 барања во 2019 година). За 237 отсто е зголемен контролниот надзор (во 2018 година 92, а во 2019 година 310 надзори). Во 2019 година се изречени 127 платни налози, за 807 отсто повеќе од 2018 година (14 налози). Процесирани се 115 барања за поведување прекршочна постапка лани, за рекордни 1.177 отсто повеќе во споредба со 2018 година (9 акти).
Инспекцијата за животна средина лани извршила 274 редовни надзори, за 117 отсто повеќе од 2018 година, а вонредните надзори биле зголемени за 300 отсто.
„Во секоја област бележиме значаен пораст. Обврска на инспекторите е, согласно со надлежностите, да овозможат подобрување на условите за живот на сите граѓани и зачувување на околината. Во каков град живееме зависи од нас“, нагласи градоначалникот Шилегов.
Раководителот на секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, пак, посочи дека во последниве две години е направена целосна прераспределба на сите инсталации што се во надлежност на Градот, а зголемен е и бројот на инспектори за животна средина, од 4 на 8 инспектори.
„Беше сменет правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот, без кој во минатото им биле врзани рацете на инспекторите. Поднесовме и иницијатива за носење Закон за комунална полиција на територијата на град Скопје, го зголемивме буџетот за годинава за акредитирана лабораторија од 500.000 денари на 1,2 милиони денари, со што инспекторите на располагање имаат зголемен број на мерења. Добивме и донација од УНДП – два дрона целосно опремени со термални камери и камери за ноќно снимање што ќе придонесат за откривање и лоцирање потенцијални загадувачи“, рече Богдановски.