Развојна банка денес објави Jавен повик за кредитната линија за бескаматни кредити за трговски радиодифузни друштва за директно кредитирање со каматна стапка од 0 проценти доколку бележат пад на приходите или негативен финансиски резултат во 2020 година, информираат од таму. Вкупниот расположлив фонд за оваа кредитна линија изнесува 1 милион евра.

Поднесувањето на кредитни барања ќе започне од 08 јули 2021 година, од 09 часот, и ќе се одвива електронски, на е-маил адреса дадена во јавниот повик. Поднесувањето на кредитните барања е предвидено да трае 30 дена.

Трговските радиодифузни друштва ќе може да користат бескаматен кредит со грејс- период до 12 месеци и рок на отплата до 48 месеци, за тековни средства и ликвидност. Максималниот износ на кредитот за субјектите со шифра на дејност 60.20 е утврден во зависност од типот на медиуми согласно регистарот на АВМУ, и изнесува 7.380.000 денари за национални медиуми, 1.230.000 денари за регионални медиуми и 615.000 денари за локални медиуми. Максималниот износ на кредитот за субјектите со шифра на дејност 60.10 изнесува 615.000 денари,“ се вели во соопштението.

Потенцијалните корисници на кредит од оваа кредитна линија, треба да имаат главница и резерви не помалку од 50 проценти од износот на бараниот кредит, како и степен на финансиска задолженост помал од четири. Прнципот за одлучување за распределба на расположливиот фонд средства ќе биде „прв дојден, прв услужен”.

Со објава на јавниот повик се започнува реализацијата на мерка број шест од шестиот пакет економски мерки кој го донесе Владата.