Психолозите потврдуваат: Ковид пандемијата донесе различни психички проблеми кај учениците

Photo by Andrea Piacquadio from Pexels

Пандемијата на ковид-19 сериозно се одрази на менталното здравје на младите. Иако на почетокот изгледаше безопасен преодот на учење од дома, сепак долгото време на несоцијализација, си го зема данокот. Два и пол месеци по почетокот на учебната година со физичко присуство, Мета.мк поразговара со училишни психолози на оваа тема. Тие велат дека враќањето назад во училиште довело до појава на два екстрема – на едни ученици им годи, а други пак, се во постојан стрес.

„Првите, имаат потреба да надоместат другарување, мотивирани се, иницираат воншколски активности, од нив произлегуваат различни иницијативи, проактивни се. Но, има деца кои се чувствувале безбедно кога следеле настава онлајн, па сега им е стрес и шок наставата со физичко присуство. Тоа се деца што потешко се адаптираат, па имаат стравови, повраќање, главоболки, проблеми со јадење со спиење. Биле долго време во комфор зона, и сега тестот во живо им е најстрашна работа на свет. Социјалната анксиозност им е зголемена“, вели Ана Попризова, психолог во гимназијата „Орце Николов“.

Таа потенцира дека двојно е зголемен обемот на нејзината работа со ученици кои имаат вакви проблеми.

„Работам со ученици кои имаат стравови, големи очекувања, а многумина пријавуваат дека имаат проблеми со концентрација, пад на мотивација, поапатични се. Со нив работиме на тоа како се справуваат со стравот, како да си направат план за учење. Вклучени се и родители и професори. Бараме да имаат разбирање професорите, да им дадат шанса да поправат оцена“, додава Попризова.

Ники И. Котевска, која што предава психологија во скопските гимназии „Георги Димитров“ и во „Никола Карев“, вели дека според анализите кои може да ги видиме од страна на стручните медицински лица, компликациите од ковид кај децата и младите се многу мали (иако има и исклучоци), но за жал сметката која ја плаќаат учениците во однос на менталното здравје е далеку повисока и она што тие како последица го добиваат е екстремно зголемување на менталните абнормалности.

Таа вели дека како никогаш досега, има различни психички проблеми кај учениците. На почетокот од оваа учебна година, периодот од првите неколку недели кои служеа за нивно повторно прилагодување во училишните клупи, беа забележителни симптомите на социјална анксиозност, често придружени и со психосоматски симптоми како појавата на главоболки, болки во стомакот.

„На почетокот делуваше дека наставата од далечина нуди поголема комфорност кај учениците (факт е дека сведочевме и како дел од учениците се вклучуваа во часот од кревет, од кафуле, теретана итн), сепак нивната изолација, стравот за здравјето, стравот од смртта и губење на некоја личност, излегување од секојдневните рутини како одење на училиште и редовно исполнување на обврските, доведе до комплетна промена на нивниот стил на живеење, па оттука и до пореметување на нивното психичко здравје“, вели таа.

Котевска смета дека ситуацијата е сериозна и дека наставниците, родителите како и училишните психолози треба да разговараат со учениците.

„Ова е време кога акцентот треба да го ставиме на чувствата на нашите деца и само со здрав однос, однос што значи разбирање, помеѓу секој еден од нас кој е дел од синџирот во образовниот процес да работиме на надминување на оваа нова абнормална психичка криза“, додава таа.