Првиот твит на основачот на Твитер, објавен пред 15 години е продаден за скоро 3 милиони долари

Фото: Joshua Hoehne, Unsplash

Шефот и коосновачот на Твитер, Џек Дорси вчера го продаде неговиот прв твит објавен пред 15 години за речиси 3 милиони долари. Твитот во форма на НФТ, нов дигитален токен сличен на криптовалутите, е продаден на аукција на платформата „Valuables“, која е во сопственост на американската компанија „Cent“.

Just setting up my twttr, гласеше првиот твит на Дорси, објавен на 21 март 2006 година

Од компанијата соопштија дека твитот го купил Сина Естави, извршен директор на фирмата „Bridge Oracle“, со седиште во Малезија. Истиот е купен со користење на криптовалутата „Ether“ која во моментот вредеше 2.9 милиони долари, потврди Камерон Хејази, извршниот директор и коосновач на „Cent“.

„Ова не е само твит. Мислам дека за неколку години луѓето ќе ја сфатат неговата вистинска вредност. Тој е како ‘Мона Лиза‘“, изјави Естави.

Твитот ќе остане јавно видлив и по продажбата, а Естави ќе добие сертификат дигитално потпишан и верифициран од Дорси.

Дорси кој е вљубеник во виртуелната криптовалута биткоин, на 6 март на Твитер објави линк за продажба на НФТ, по што три дена подоцна соопшти дека приходот од аукцијата ќе го претвори во биткоин и ќе го донира на луѓето во Африка кои се заразени со коронавирусот.