Професионални спортисти од девет земји гости на спортските игри во Велес

Ќе учествуваат 500 професионални спортисти од Шпанија, Полска, Италија, Србија,Чешка, Украина, Бугарија и Албанија, a во петте денови ќе се игра одбојка на песок, мал фудбал, тенис, 3х3 баскет како и еспорт

Фото: „Спортски игри Велес“

Од 4 до 8 јуни, Велес ќе биде домаќин на третиот по ред спортски настан „Спортски игри Велес“, кој ќе се одржи во Градскиот парк. Покрај спортисти од Македонија, ќе учествуваат околу 500 професионални спортисти од Шпанија, Полска, Италија, Србија,Чешка, Украина, Бугарија и Албанија. Во петте денови ќе се игра одбојка на песок, мал фудбал, тенис, 3х3 баскет како и еспорт.

„Учесниците ќе имаат прилика да ги прикажат своите квалитети и воедно да освојат голем број награди од овогодинешниот награден фонд. Покрај натпреварите кои ќе се одвиваат, ќе има и забава за сите останати учесници и посетители. Фуд корнери, музичка забава, детски катчиња, фитнес предизвици и голем број други изненадувања се дел од совршената комбинација за одмор и авантура“, најавуваат организаторите.

Сите спортски наптревари се бесплатни за гледачите, а за oрганизацијата има поддршка од општина Велес, Агенција за млади и спорт и Државна видеолотарија на Македонија.

„Целта на овој настан е симбиоза на локалното со меѓународното, пријателство и културна размена преку спортот. Нашата мисија сите овие години е да ги поврземе луѓето преку спортот како нивна заедничка страст“, велат во „Спортски игри Велес“.