Проф. Ќуштеревска: Никој не може да го оспори мојот успех само затоа што сум жена

Фото: Лична архива

Според некои од последните податоци на Обединетите нации, само една третина, односно 33,3 отсто од научниците во светот и само 12 проценти од членовите во националните научни академии, се жени. Но, според податоци на УНЕСКО од 2019 година, Македонија е лидер во Европа според уделот на жените-истражувачи во вкупниот број истражувачи во земјата, со 52,3 отсто од сите истражувачи во земјава.

Го има ли местото кое го заслужува жената-научничка во Македонија и дали доволно е вреднуван нејзиниот труд? По повод Меѓународниот ден на жените во науката, 11 Февруари, поразговаравме со проф. д-р Рената Ќуштеревска, докторка по биолошки науки на Природно-математичкиот факултет. Наставните и научните истражувања на Чуштеревска се врзани со ботаниката, поконкретно со флората и вегетацијата. Минатата година беше прогласена за научничка на годината за врвни резултати од областа на природно-математичките науки.

Како е да се биде жена научничка во денешницава? 

За разлика од блиското минато кога на жените во Македонија не им било дозволувано да се образоваат, во денешно време полот не е пречка да се насочиме во професијата која ја сакаме. Ако во минатото имаше јасна поделба на „машки и женски” професии, сега постепено тоа исчезнува. Можам да кажам од свое лично искуство, дека пред 20 години започнав да работам со тим на научници во кој речиси сите беа мажи, но подмладокот со кој што работам сега се квалитетни студентки на постдипломски студии. При изборот на соработниците воопшто не го земам полот како предуслов или пречка, најважно е да покажува интерес за работата. Мојата работа е поврзана со теренски истражувања, кои често бараат повеќедневни отсуства од дома, физичка подготвеност, студиски престои, учества на симпозиуми надвор од државата. На сите овие обврски во одреден период од животот, кога жената научник се остварува во улога на мајка е многу потешко да се одговори. Тогаш и покрај нашата желба и пожртвуваност потребно е разбирање и подршка од најблиските.

Фото: Лична архива

Дали сметате дека трудот на жените научнички е признаен и доволно вреднуван во нашето општеството? 

Никој не може да го оспори постигнатиот успех само затоа што сум жена. Но, проблемите како научници во Македонија со кои се соочуваме се исти за сите, и мажи и жени научници. За оригинални и модерни истражувања да се реализираат потребни се финансии за опрема, терен, доедукација, но за жал државни фондови и научни проекти со кои би се реализирало тоа, речиси да нема или ако има, се со скромни финансии. Излез од оваа ситуација се вклучување во меѓународни проекти и аплицирање за надворешни фондови.

Каква е според вас состојбата со младите во нашата земја, дали тие имаат интерес да истражуваат овде или пак, повеќе се насочуваат кон други образовни системи, каде што условите се подобри за истражување и наука за разлика од она што се нуди кај нас? 

За студиите на Институтот за биологија има интерес и бројот на студенти од година во година расте. Но, по дипломирањето, мал процент од нив се одлучуваат да магистрираат уште помалку да докторираат на нашиот институт. Министерството за образование и наука, за втор циклус на студии одобрува стипендии, но не во потполност да ги покријат трошоците, додека за трет циклус студии воопшто и нема стипендии. Од тие причини голем дел од талентираните студенти заминуваат на студии надвор од државата, каде условите се многу поповолни. Докторантите во земјите од регионот, освен што имаат стипендија, се вклучуваат и во проекти финансирани од државата во рамки на кој се вработени до нивното докторирање. Втор голем проблем е укинатото работно место, помлад асистент, па така, младите соработници пред да магистрираат немаат законска можност да бидат вработени на факултетите.

Фото: Лична архива

Има ли разлика во вреднувањето на трудот меѓу мажите и жените научници кај нас и во развиените земји? 

Процентот на жени научници во Македонија јасно кажува како се третирани. За тоа  каков е односот кон жените научници во светот не можам многу да кажам, но поразувачки е што во некои развиени земји, платата за исто работно место е различна за маж и жена. Во Македонија нема разлика во вреднувањето на трудот, поставени се јасни критериуми со кои многу лесно може да се вреднуваат достигнувањата кои се услов и за напредување. Дискриминација кон жените сметам дека нема, но општеството треба да посвети поголемо внимание на научната дејност и да издвои повеќе средства, затоа што и во овие нехумани услови за наука имаме врвни достигнувања со кои сме рамо до рамо со светските научници. Во подобро опремени лаборатории успехот и конкурентноста ќе бидат поголеми.