Пробното ПИСА тестирање ќе се реализира електронски во април-мај 2021 година

Фото: Thomas Park на Unsplash

Во периодот април-мај идната година ќе се реализира ПИРЛС тестирањето за читање со разбирање на деца од четврто одделение кое ќе биде со рангирање на државите. Во нашата држава ќе се спроведе во 150 основни училишта, со кои ќе се опфатат 4.000 ученици, изјави националната координаторка и раководител на сектор во Државниот испитен центар, Бети Ламева на денешната прес-конференција.

„Тестирањето за ПИРЛС ќе се реазлира на македонски и албански јазик на принципот молив и хартија. Додека пак, пробното тестирање ПИСА, кое ќе се одвива во истиот период ќе биде по електронски пат и негова цел нема да биде рангирање, туку изведување заклучоци кои ќе треба да се анализираат при подготовката во главното ПИСА тестирање. Со ПИСА тестирањето пак, ќе се опфатат 50 средни училишта, со околу 3.000 ученици на 15 годишна возраст“ рече Ламева, која посочи дека во тестирањата ќе има прашања во кои учениците ќе треба да дадат опширни одговори, но и дека ќе има неколку прашања кои ќе бидат со директни одговори.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска пак, на прес-конференцијата рече дека во моментов и во периодот што следи течат подготовките за пробното тестирање на ПИСА и ПИРЛС тестирањето, а анализата од наодите од претходните ПИСА тестирања во 2015 и 2018 година, ќе користат како основа за градење реформи. Таа истакна дека досега најголем дел од учениците го репродуцираат знањето или пак, тие се обучени за тоа. Наспроти она што е светски тренд, а тоа е дека тие треба да се оспособат да го искористат своето знаење во непознати ситуации во училиштето и надвор од него.

Ламева ги презентираше наодите од анализата на резултатите од тестирањата во ПИРЛС од 2001 и 2006 година кои како што рече таа, се подеднакво исти, односно немало никакво напредување. Додека пак, во ПИСА тестирањето од 2015 има тренд на опаѓање на знаењата на учениците, а во 2018 година има зголемување во однос на претходниот циклус на ПИСА тестирање кое вклучување читање, математика и природни науки.

„Анализата покажува дека постигнувањата кај девојчињата се далеку повисоки од кај момчињата, особено во делот за читање со разбирање. Во однос на образованието, гимназијалците покажале најдобри резултати, а слични резултати имаат и учениците од средно уметничко образование. Додека пак, оние од стурчно образование имаат пониски резултати“ истакна Ламева.

Таа додаде дека раниот развој игра значајна улога врз понатамошните достигнувања на учениците, односно најдобри резултати покажале оние деца кои од 2 до 3 години посетувале градинка. Меѓу другото, важен фактор е и бројот на книги прочитани во домашни услови, колку повеќе книги, толку подобро резултати кај децата. Ламева рече дека и поддршката што ја даваат родителите во текот на учењето, работата, совладувањето на материјалот има важна улога, а исто така и обезбедувањето на воннаставните активности, како и за тоа дали училиштата ги обезбедуваат истите.

Царовска и Ламева во врска со ПИРЛС тестирањето потенцираа дека освен вебинар за сите наставници, како и обука на сите наставници од четврто одделение, обезбедени се и збирки на ослободени задачи на македонски и на албански јазик. Во врска со ПИСА тестирањето обезбедени се исто така збирки, насоки за нивно користење и обука на сите наставници кои предаваат во прва година предмети по македонски јазик и литература, албански јазик и литература, математика, физика, хемија и биологија.

Инаку, актуелната власт во предизборната кампања најави дека нивна цел е просечните постигања на македонските ученици во ПИСА 2021 да се зголемат за минимум 10 поени во однос на тестирањето од 2018 година.

На денешната прес-конференција, Царовска исто така информираше и за бројот на заразени ученици и наставници со ковид-19 и рече дека нема интерно ширење на заразата во училиштата.

„Согласно 4 декември, заразени се вкупно 76 ученици и 167 наставници што укажува дека протоколите се спроведуваат и засега немаме интерно ширење на заразата во училиштата,“ изјави Царовска.

На новинарско прашање дали се размислува наставата да се врати во училиштата од второто полугодие, имајќи ги предвид малите бројки на заразени ученици и наставници со ковид-19, Царовска рече дека засега функционира хибридниот модел на настава и според неа, тој треба и натаму да се применува. Во зависност од ситуацијата и препораките на здравствените власти, доколку има услови сите ученици да се вратат во училиштата, тоа и ќе се реализира.