УНИЦЕФ за резултатите од ПИСА: Кризата во учењето е резултат на децениското несоодветно решавање на клучните предизвици

Сите во земјата треба да бидеме сериозно загрижени за овие резултати, рече ДиЏовани коментирајќи ги резултатите од ПИСА тестирањето

Фото: Vidhyarthi Darpan from Pixabay

По разочарувачките резултати за македонските ученици на ПИСА тестирањето, претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, вели дека државата треба да е сериозно загрижена за уназадувањето кај учениците во читањето, математиката и природните науки.

„Сите во земјата треба да бидеме сериозно загрижени за овие резултати. Кризата во учењето е резултат на децениското несоодветно решавање на клучните структурни предизвици, недостатокот од континуитет во реформските процеси од страна на различни влади и на неуспехот да се насочи образованието кон реалните и индивидуалните потреби на учениците“, вели ДиЏовани.

Одговорноста за справување со кризата во учењето ја става на Собранието, Владата, вклучително и Министерството за образование и наука, но исто така и Министерството за финансии, општините, училишното раководство, наставниците, па и родителите.

„Законодавците во Собранието треба да ја препознаат итноста на оваа состојба и да дадат приоритет на разгледувањето на амандманите на Законот за основно образование. При разгледувањето на буџетот, Собранието треба да побара од Министерството за финансии да го зголеми финансирањето на образованието за да се подобри квалитетот и да се доближат јавните расходи на земјата за образование до просекот на ЕУ што е 4,9 проценти“, додава претставничката на УНИЦЕФ.

Таа посочува дека предолго е дозволено децата да заостануваат во читањето, математиката и природните науки, а многумина денес се млади возрасни лица, кои се запишуваат во високото образование или почнуваат да работат, додека празнините во нивното знаење ќе излезат на виделина.

Тоа ќе има сериозни последици врз сегашните и идните генерации, смета ДиЏовани.

Според неа, клучното влијание го имаат и училишните раководители, наставниците, родителите и општините.

„Ги повикувам сите лидери на политички партии да се обединат веднаш за да постигнат договор за меѓупартиска агенда со цел образованието да стане приоритет. Приоритет којшто ниту една партија нема да може да го користи за политички поени. Приоритет што ќе ја обедини земјата бидејќи тоа е важно за сите деца“, изјави Патриција ДиЏовани.