Извор: Министерство за здравство

Како дел од механизмот на Европската Унија за помош на соседните земји и Африка, Австрија денеска објави дека до крајот на август ќе испорача 651.000 дози на вакцини од производителот „Фајзер/Бионтек“. Македонија преку овој механизам е планирано да добие 119.000 дози на вакцини. Дистрибуцијата на вакцините против ковид-19 ќе почне во мај, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг.

Според планот за распределба на овие вакцини, Босна и Херцеговина ќе добие 214.000, Албанија 145.000, Косово 95.000, Црна Гора 42.000 и Србија ќе добие 36.000 вакцини.

„Со оваа иницијатива покажуваме дека не го оставаме регионот зад нас. Австрија лично преговараше со „Фајзер/Бионтек“ за овие земји да добијат вакцини“, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг.

Финансирањето на овие вакцини ќе чини 11 милиони евра, кои е планирано да се платат од фондовите за помош на ЕУ на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ.