Предавање за Итар Пејо и Насредин Оџа на Истанбулскиот универзитет

Фото: МСМЈЛК

На Катедрата за македонски јазик при Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, пред студентите кои го посетуваат напредниот курс по македонски јазик кај лекторката по македонски јазик, д-р Габриела Ивановска, предавања одржаа проф. д-р Славчо Ковилоски и м-р Марина Цветаноска од Одделението за македонска литература во XIX век на Институтот за македонска литература.

Како што соопштија од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) предавањето на Ковилоски било на тема „Ликовите на Итар Пејо и Насредин Оџа во македонскиот фолклор и литература“, додека Цветаноска се осврнала на османлиските рефлексии во македонската култура (архитектура, литература, кујна).

„Ковилоски и Цветаноска остварија и средба со раководителката на Катедрата за македонски јазик на истанбулскиот Факултет за литература, проф. д-р Туркан Олџај и со раководителката на Катедрата за славистика, проф. д-р Емине Инанир“, велат од МСМЈЛК.

На Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат веќе 36 години во кои непрекинато работи Катедрата за македонски јазик, а од оваа академска година, македонскиот јазик е на листата на предмети што можат да ги изучуваат сите студенти на Универзитетот. Минатата недела, започна со работа и Катедрата за македонски јазик на Анкарскиот универзитет, под раководство на проф. д-р Мелахат Парс, во чии рамки е и Лекторатот по македонски јазик, со што македонистиката веќе е присутна на два водечки универзитета во Турција.