Позитивната страна на социјалните мрежи: Вирално видео му донесе 10.000 долари и нов камион #DreamsChallenge

Нејтан Аподака / фото: социјални мрежи

Убавата страна на социјалните мрежи, која периодов сè гледа се поретко, сепак постои. И покрај сите контроверзи кои ја следат видео-платформата ТикТок, видеата кои корисниците ги објавуваат таму можат многу лесно да станат вирални и да бидат видени од милиони други корисници. Доказ за тоа е видеото на американецот Нејтан Аподака, кое на крајот му донесе десет илјади долари и нов камион.

Приказната за Аподака започнува со објавување на ТикТок видео во кое тој брза да стигне на работа во фабрика за компири, се вози на скејтборд, во раката држи и пие сок од брусница, а ударниот момент е мелодијата која го следи видеото – Dreams на Fleetwood Mac.

Како што пишуваат американските медиуми, со ова видео Нејтан Аподака упати позитивни вибрации и барем на кратко “ги смири нервозите на една вознемирена нација“.

Дел од причините за виралноста на видеото се и неколкуте пародии кои подоцна беа снимени од страна на други корисници.

Меѓу другото, слично видео сними и еден од основачите на култниот рок бенд „Флитвуд мек“ (Fleetwood Mac), Мик Флитвуд, кој за оваа прилика си направи профил на ТикТок.

И извршниот директор на Ocean Spray, фабриката која го произведува сокот од брусница што Аподака го пие во видеото беше дел од многуте кои се придружија на оваа енергија.

Благодарение на Аподака и на пародиите кои следеа, песните на „Флитвуд мек“ (Fleetwood Mac), меѓу кои и „Сни“ (Dreams), која беше издадена во 1977 година, повторно станаа популарни кај младите генерации кои никогаш не ни чуле за нив. Уште повеќе, неколку албуми на рок-бендот од седумдесеттите, повторно се најдоа на топ листата на iTunes.

Приказната завршува среќно и за самиот Нејтон Аподака, кој живеел во адаптирана камп-приколка паркирана пред куќата на неговиот брат. Фановите на видеото му испратиле на Аподака повеќе од 10 000 американски долари донации, пари кои тој рече дека ќе ги подели со мајка му, а со остатокот ќе го поправи расипаниот автомобил.

Убавината на приказната продолжува со тоа што компанијата Ocean Spray на креаторот на виралното видео му подари камион полн со сок од брусница. Изненадувањето на Аподака може да се види во видеото кое тој го објави на Инстаграм.

Ваквите приказни, иако се ретки, сепак се доказ дека социјалните мрежи можат да се користат за позитивни и убави работи дури и во 2020 година.