fbpx

Повторно воскреснуваат анахрони терории за уништување на „македонштината“

Освен ширењето невистини, на ваков начин суптилно се креира слика дека повторно вештачки ќе се влијае на демографската структура во државата, но и дека ќе се полнат избирачките списоци со Косовари

-

Речиси три децении се провлекува наративот дека постои заговор за разнебитување на државата и за уништување на „македонштината“ заради лични интереси. Резултатот од слепото верување во овој заговор е игнорирање на фактите, дури и кога тие бодат очи, па некои не можат или не сакаат да ја видат вистината. Од неодамна се шират и дезинформации дека на илјадници Албанци од Косово ќе им се дадат нови македонски пасоши, иако се работи за барања за патни исправи поднесени во Косово, а не кај нас, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Хаосот што настана со промена на личните документи, поради обврските преземени со Договорот од Преспа, беше повод за разни дезинформации, како онаа дека 100 илјади граѓани на Косово поднеле барања за пасош во нашата држава. Неодамна Вистиномер рецензираше неколку објави на социјалната мрежа Фејсбук, каде неточно се тврдеше дека за патни исправи аплицирале илјадници Албанци од Косово, па затоа се граделе и толку многу згради во Скопје. Освен ширењето невистини, на ваков начин суптилно се креира слика дека повторно вештачки ќе се влијае на демографската структура во државата, но и дека ќе се полнат избирачките списоци со Косовари.

На пример, една објава гласи:

ОКУПАЦИЈА-КОСОВАРИЗАЦИЈА
СЕ Е ДЕЛ ОД АГЕНДА
МИСЛИ ЛИ НЕКОЈ ЗА
ОПСТАНОК НА МАКЕДОНИЈА!
ПС
Јасно ли е зошто се градат зградурини низ Скопје!

Па, иако централниот факт лесно може да провери доколку се прочита написот на МИА, од каде потекнува оригиналната вест, сепак.дезинформацијата  пламна на најразличнипатриотскидијаспорски и останати групи на Фејсбук. Нужно се повлекува прашањето зошто на толку жесток и фанатичен начин дел од јавноста ја интерпретираше оваа вест?

Очигледно е дека целата хаварија што се случи со издавањето на личните карти, патните исправи, возачките и сообраќајните дозволи со новото име на државата, беше добар повод за провокации и сеење националистички коментари. Меѓутоа, настрана ваквите објави од кои извира нетрпеливост кон Албанците, низ годините често се цитира бројката од 100 или 150 илјади Албанци од Косово кои биле внесени во македонскиот систем, што наводно било направено во 90-тите години на минатиот век.

Вакви и слични приказни се ширеа и последиве години. Во 2021 година Управата за матични книги, со која во тоа време раководеше Бујар Дардишта од ДУИ, се најде во центарот на скандалот со издавањето изводи од матичната книга на родените без документација, наводно околу 100 илјади. Ревизорите за 2019 година констатирале кусок од околу 94 илјади изводи, по што  сомнежите за незаконско работење се обиде да ги расчисти и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Предметот е отворен по допрен глас, а оттаму најавија кривични пријави, но за работи неповрзани со „исчезнатите“ изводи.

Тогаш објави на Фејсбук шпекулираа дека:

Бујар Дардишта, човек од ДУИ кој раководи со Управата за матични книги издал скоро 95.000 изводи без никаква документација како поткрепа, па ни административна такса.
Значи фалсификувал 95.000 изводи.
Значи напикал 95.000 лица во Македонија со фалсификат.

Подоцна (април 2022 година) лидерот на Левица, Димитар Апасиев,  во разговор на ТВ Сонце, токму со ваква реторика ги интерпретираше настаните, притоа јасно алудиракќи дека резултатите од пописот не се објективни и не ја прикажуваат реалната демографска слика во земјата:

И имаше афера, која помина незабележана, а која е многу опасна, поврзана со директор на ДУИ. Тоа се 100.000 матични листови (!) со сериски броеви, исчезнати од Управа за матични книги. А, рековме дека не ти бараат лична карта за попис.

Вакви и слични објави беа често споделувани во месеците за време на и по пописот, со цел во јавноста да се создаде атмосфера дека пописот е однапред „наместен“. 

Инаку, во истото интервју, Апасиев говори за еден „демографски инженеринг“ од првите години по нашето осамостојување:

Овој процес се случува преку вештачки демографски инженеринг и секогаш без исклучок кога е СДС на власт. Во 90-тите, при сукцесија од СФРЈ, 61.000 лице доби државјанство по тој закон. Значи ова се цели градови не е ова пет фамилии. Избирачки список во 1994 г. има 1.360.000 избирачи, во 1998 г. 1.572.000 гласачи, значи 200.000 плус. Тоа се четири града како Велес.

Со оваа бројка од  200 илјади гласачи, лидерот на Левица референцира дека растот на албанското население се случил по донесувањето на Законот за државјанство од 1992 година. Иако, тоа не може да се потврди во реалноста.

На социјалните медиуми, пак, повеќе се споделува бројката 150 илјади „вештачки“ внесени косовски Албанци. Конкретно, можат да се најдат вакви објави од 2020201920172016, па дури и на форуми од 2008 година.

Па, настрана сите проблеми што се појавија со издавањето на новите лични документи, веќе децениски се провлекува наративот дека постои заговор за разнебитување на државата и уништување на „македонштината“ заради лични интереси. Резултатот од слепото верување во овој заговор, е игнорирање на фактите, дури и кога тие бодат очи, па некои не можат или не сакаат да ја видат вистината.

 

Пишува: Матеј Тројачанец

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...