Повеќе од 550 учесници од девет земји на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“

Новина годинава во рамки на фестивалот е проектот ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity), кој ќе го промовира мирот преку креативност кај младите

Фото: „Џифони Македонија“

Повеќе од 550 учесници од девет земји ќе учествуваат на 11. филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ кој ќе се одржи во Скопје, соопштија организаторите.

Новина годинава во рамки на фестивалот е проектот ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity), кој ќе го промовира мирот преку креативност кај младите, а е поддржан од Министерство за надворешни работи и соработката со Република Италија.

Во Младинскиот културен центар, во Кинотеката на Македонија и во киното „Милениум“, до 10 октомври ќе се прикажуваат филмови, ќе се дискутира, а ќе има и учества во креативни работилници. Фестивалот ќе биде отворен утре во 19.30 часот во киното „Милениум“, со прикажување на филмот „Вратената“ во режија на Џузепе
Бонито.

Директор на фестивалот е Дарко Башески, а програмска директорка е Деа Крстевска. Тие денеска на прес-конференција кажаа дека освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција. Ќе бидат прикажани 15 долгометражни филмови во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (6 до 9 одделение), јуниори (I и II средно) и сениори (III и IV). Ќе проследат 35 краткометражни и анимирани филмови.

„Џифони патува“ веќе помина 25 општини, а за жал, годинава тој проект не беше
поддржан. Имавме уште една активност што ја почнавме лани, „Џифони филмски денови“, со идеја да ги вратиме децата во киносалите, по паузата за време на пандемијата. Одржавме такви 10 настани. Сакам да напоменам дека сите активности што ги организира нашето здружение се комплетно бесплатни за сите млади. Сите се
добредојдени да уживаат“, рече Башески.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите). Ќе бидат реализирани и девет работилници – 3 за јуниори и 6 за кадети и сениори.

Проектот ЕПИК, кој е новина на фестивалот, предвидува серија активности кои ќе го промовираат мирот, европските вредности и човековите права, преку филм,
уметност и култура. Во рамките на ЕПИК ќе бидат прикажани 17 краткометражни филмови што ќе се натпреваруваат за три награди.