Мухамед Зекири | Фото: sdsm.org.mk

Мухамед Зекири, потпретседател на СДСМ и пратеник во последниот парламентарен состав, денеска преку Фејсбук соопшти дека тој, неговата сопруга и тримесечната ќерка се позитивни на ковид-19.

„И покрај внимателноста и придржувањето до препораките за минимум контакти, би сакал да ве информирам дека јас, сопругата и тримесечната ќерка имаме позитивни резултати на ковид-19. За среќа немам никакви симптоми, но тестот покажа позитивен резултат. Уште еднаш апелирам до сите да не го потценуваат вирусот и да бидат максимално внимателни. Доколку имате и најмали сомневања, одете и тестирајте се“, порача Зекири.

Тој притоа и јавно се извини до сите со кои имал контакт во изминатиот период и изразува жалење што ги довел во непријатна ситуација.

Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, кој пред неколку дена учествуваше во дебатна емисија со Зекири, малку по објавата на Зекири, на Фејсбук напиша дека се тестирал за ковид-19 и ги чека резултатите. На Зекири му посака брзо закрепнување.

„На Мумамед Зекири со кого бевме на дебата на Телевизија 24, и на неговото семејство, им посакувам брзо закрепнување. Што се однесува до интересот за моето здравје, засега сум во добра здравствена состојба и ги чекам резултатите од направеното тестирање. Во очекување на исходот ќе ги превземам сите мерки кои ќе ги препорачаат здравствените власти. Апелирам да не се потценува состојбата со вирусот, ниту да се релавитизира, и да се пристапи максимално сериозно“, напиша Јанушев на неговата Фејсбук-страница.