Постоловска: Студентите се плашат дека не ја поседуваат силата да им пркосат на авторитетите кои ги угнетуваат

фото: лична архива / Мета.мк

Академската заедница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје е сè уште мошне незрела кога се работи за почитување на правата меѓу студентите и раководните органи. Истовремено, студентите не ги пријавуваат повредите на нивните права додека се на факултет поради тоа што, неретко, не ги препознаваат таквите повреди, а и оние што ги воочуваат не се осмелуваат да пријават поради стравот дека нема да постигнат ништо, вели за „Мета.мк“ Викторија Постоловска, студентска правобранителка на првиот и најголем универзитет во земјава.

Постоловска е студентка во четврта година на студиската програма англиски јазик и книжевност на Филолошкоиот факултет при УКИМ. Функцијата студентски правобранител на овој универзитет ја извршува од октомври годинава, а нејзиниот мандат трае две години, без право на реизбор. Студентскиот правобранител е орган на универзитетот којшто се грижи за заштита на правата на студентите кога истите се повредени од некој орган на универзитетот или од кој било член на академската заедница во рамките на универзитетот.

Доколку правото на студентот е попречено или повредено од страна на професор, асистент, стручен соработник или пак од страна на колега – студент, тогаш студентскиот правобранител е првото место каде студентот треба да се обрати за да го заштити своето право.

Студентскиот правобранител, како и неговите заменици, можат да постапуваат на два начина – по барање на студент или пак по сопствена иницијатива, доколку самите увиделе дека е повредено правото на некој студент од страна на органите на унвиерзитетот или од страна на друг член на академската заедница.

Студентите не пријавуваат кога некој ги повредува нивните права

За еден студент или студентка да воочи дека дошло до кршење на некое негово или нејзино право, прво треба добро да ги познава своите права и да ги уважува до највисок степен, смета Постоловска. Но, според нејзиното искуство, студентите немаат навика да ги пријавуваат повредите на нивните права кај студентскиот правобранител, од страв дека тоа може да го загрози нивното студирање и поради тоа што сметаат дека не можат доволно да влијаат врз другите чинители во академската заедница.

„Според моите сознанија и искуства, академската заедница на УКИМ е сè уште мошне незрела кога се работи за некаков реципроцитет на почитување на правата меѓу студентите и високите органи на Универзитетот. Тоа што досегашните искуства покажуваат дека студентите немаат навика да посегнат по инструментите на академијата кои се воведени во нивна служба, укажува на системски проблем. Студентите не пријавуваат бидејќи се плашат дека тој процес води до покомплицирани сценарија од актуелните, и дека не ја поседуваат силата да им пркосат на авторитетите кои ги угнетуваат“, вели Постоловска и додава дека ќе даде сè од себе за да им го докаже спротивното на своите колеги – студентите.

Постоловска коментира дека покрај должноста како студентска правобранителка да посредува во споровите меѓу нејзините колеги и раководните органи на универзитетот, тука е да се залага и за подигање на свеста кај студентите кои не ги препознаваат ниту уважуваат правата кои природно им следуваат, со што се ставаат во опасност себеси и студентската заедница воопшто.

„Не е мое да коментирам зошто и како дошло до апатија и едностраност меѓу дел од студентите кога станува збор за нивните права, но задолжена сум да ја ставам на јавна дебата ваквата непродуктивна пракса која се вдомила во универзитетските простории“, коментира студентската правобранителка.

Постоловска вели дека во моментов работи на случаи кои имаат дискриминаторска позадина која се манифестира во рамките на сите академски односи.

Резултатите од истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ) за студентската перцепција за дискриминација презентирани во февруари годинава покажуваат дека најголем дел од оние студенти што почувствувале дискриминација на своја кожа се студенти на УКИМ. Алармантна состојба која ја покажа истражувањето е дека само 7,6 отсто од сите студенти знаеле дека на факултетите има постапка за пријавување на дискриминација.

Прекршувањето на нечие право, па така и на студентите, претставува одземање на нешто кое природно му припаѓа, вели студентската правобранителка на УКИМ.

„Сигурна сум дека во оној момент кога студентите свесно и одговорно ќе ја актуелизираат важноста на нивниот придонес во општеството, истите ќе сфатат од колкаво значење е таа декларација која нив ги оправува и им доделува конкретно место во општеството каде истите права можат да ги уживаат. Обесправувањето е секогаш непријатна ситуација и за таквата ситуација е нужно да биде разгледана со највисока претпазливост. Повредата на нечие право претставува кршење на дел од нечиј идентитет, лишување на истиот од валидно место во општеството и одземање на нешто кое природно му припаѓа“, смета Постоловска.

Органите на универзитетот или факултетот се должни да постапат по укажувањата на студентскиот правобранител или неговите заменици. Постоловска вели дека должност на универзитетските органи е да го сослушаат правобранителот и да пристапат кон разрешување на случајот.

„Елементарна должност на универзитетските органи е да го примат и ислушаат правобранителот кога истиот пријавува случај. Патем, водени од принципите на непристрасност, недискриминација, доверливост и законитост должни се да пристапат кон разрешница. Тука нужно е да се напомене дека зад правобранителската функција стои Закон за високо образование и органите на Универзитетот тоа мора да го сфатат свесно и одговорно“, вели студентската правобранителка на УКИМ.

Како студентите на УКИМ можат да пријават повреда на правата кај студентскиот правобранител?

Постоловска го објаснува начинот на кој еден студент може да пријави кршење на некое негово право во рамките на академската заедница.

Постапката е мошне едноставна и истата подразбира доставување на електронска пријава на активната електронска адреса на студентскиот правобранител [email protected]. Пријавата задолжително мора да содржи име и презиме на студентот, факултет, студиска програма и степен на студирање. Во електронската порака студентот треба да го образложи случајот, да ги опише околностите и фактите и да достави докази за случајот кој го пријавува. По ова, студентскиот правобранител ја разгледува пријавата, па доколку воочи дека навистина станува збор за обесправување, го сослушува студентот што пријавил и изнаоѓа начин како да влијае врз авторитетите кои се директни чинители во академската заедница.

Постоловска нагласува дека студентите и нивните идентитети ќе бидат заштитени за време на целата постапка, зашто доверливоста е едно од основните начела кои студентските правобранители се должни да ги почитуваат.

Функцијата студентски правобранител на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ студентите почнаа да ја извршуваат по донесувањето на Законот за високо образование во 2018 година, откако претходно воопшто и не беа назначувани студентски правобранители, главно заради незаинтересираност меѓу студентите. Во истиот закон се наведени и правата и обврските на студентите во земјава.

Пред Викторија Постоловска да биде назначена за студентска правобранителка од страна на Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ), оваа функција ја вршеше Теа Мицевска.