Порталб: Кои чекори треба да ги преземете за да добиете електронски извод

Издавањето документи со физичко присуство, односно на шалтерите, ги чини луѓето време, пари и нерви. Тоа покажа истражувањето на Порталб каде за извод од матичната книга на родени, кој може да се извади за 5 минути, се чекаше една недела, како резултат на неефикасноста на администрацијата. Несомнено, дигитализацијата е решение за да се стави крај на талкањето од еден шалтер на друг. Затоа, новинарите на Порталб направија тест како можат по електронски пат да дојдат до изводот од Матичната книга на родените, пишува Порталб.мк.

Управата за водење на матичните книги (УВМК) има електронски портал преку кој може да се вадат електронски документи преку интернет, односно преку компјутер или мобилен телефон. Оваа Управа обезбедува вкупно 13 услуги, односно 13 документи со физичко присуство, но само 4 од нив може да се издаваат и по електронски пат, и тоа: извод од книгата на родените, извод од книгата на умрените, извод од книгата на венчаните и извод за слободна брачна состојба.

Најпрво, за да добиете документ од системот, треба да се најавите на електронскиот систем на УВМК. Најавата се прави преку корисничката сметка на системот на УВМК и корисничката сметка од Националниот портал за услуги.

Системот е само на македонски јазик, и има 3 категории, односно „Почетна“; „Мои нарачки“ и „Ценовник“.

Во првата категорија се поставени документите што може да се извадат, додека во втората може да се пополни формуларот за добивање на документот.

Формуларот е едноставен, во 5 чекори, со неколку кликања, за не повеќе од 5 минути, можете да го пополните и да го поднесете електронски. Исто така може да наведете на каков начин сакате да го добиете документот – по пошта или преку мејл.

Во првиот чекор се избира видот на изводот, основните податоци на барателот, кои автоматски се генерираат од профилот на кој сте најавени, податоците за родителите, и потоа можете да одлучите како сакате да го добиете сертификатот, во просториите на УВМК (на шалтер), по пошта или сакате електронски извод. Откако ќе ја изберете саканата опција, преминувате на последниот чекор, односно плаќањето, кое во овој случај се врши преку банкарска картичка. За услугата плаќате 50 денари, 100 денари за административна такса и 10% провизија, со што вкупната цена на услугата ќе ве чини 165 денари. Исто така може да изберете изводот да го добиете во печатена форма во канцелариите на УВМК или ако сакате изводот да ви биде доставен на вашата адреса по пошта, УВМК ќе ви го испрати, но за тоа треба да платите дополнителни 50 денари, кои одат на сметката на поштата.

Откако ќе платите, автоматски добивате мејл како потврда за успешното плаќање. Ние оваа потврда ја чекавме не повеќе од 24 часа и по овој период добивме известување преку мејл дека електронскиот извод е готов и дека можеме да го „симнеме“ од нашиот профил на системот на УВМК.

Како што може да се види, изводот ги содржи сите податоци како и изводот што се добива на хартија. Постои код или линк преку кој може да се потврди автентичноста на овој документ.

Ние го потврдивме линкот и тој е валиден.

На крајот, кај местото на логото на Управата пишува дека „Изводот од матичната книга е јавна исправа со неограничен рок на важење. За настанатите дополнителни промени во граѓанскиот статус кои не се евидентирани во овој извод, одговорно е лицето кој истиот го користи како доказ“.

Исто така пишува и дека „овој документ е официјално потврден со електронски печат и електронски временски жиг. Автентичноста на печатените копии од овој документ може да бидат електронски верификувана“.

Може да се каже дека системот е целосно функционален, иако може да се издаваат само ограничен број документи. Постапката е едноставна, брза и ефикасна. Сѐ се прави на интернет, а и документот се добива преку интернет.

Сепак, во следната сторија ќе објасниме дали овој електронски документ е употреблив во државните институции или правните лица (банките), со оглед на тоа што не сите институции се меѓусебно дигитално поврзани.

Дигитализацијата на услугите несомнено е од корист и во интерес на граѓаните, на државата, но исто така и неопходна за таму каде што целиме да се интегрираме – ЕУ.

Нашите претходни истражувања докажаа и покажаа дека резултатите од извештаите, анализите или анкетите на меѓународните или домашните институции, но и на невладините организации, за администрацијата на Северна Македонија не се само критика на хартија, туку сериозен проблем во секојдневниот живот на граѓаните кои талкaат низ шалтери за одреден документ.

Во претходната истражувачка сторија, покажавме дека незаконски е да се бара од граѓаните на РСМ да плаќаат за нови изводи не постари од шест месеци. По сторијата на Порталб.мк Управата за водење на матичните книги (УВМК) информира дека одлучила да не бара изводи од матичната книга на родените не постари од шест месеци. Со новата одлука граѓаните кои сакаат да се венчаат УВМК нема веќе да ги обврзува да извадат нови изводи, туку матичарот ќе ги проверува податоците од изводите. Доколку граѓаните воопшто немаат изводи ќе се венчаат само со документ за лична идентификација, а матичарот ќе им ги извади изводите.