fbpx

Порталб: Незаконски е да се бара од граѓаните да плаќаат за нови изводи не постари од 6 месеци

-

„Не е валиден, изводот не смее да биде постар од шест месеци“. Секако, многумина од вас наишле на вакви одговори од институциите каде што требало да поднесат извод од матичната книга на родените и сте се запрашале зошто го бараат, но во исто време сте обврзани да платите од вашиот џеб за нов извод, кој ќе ги има истите податоци како и тој за кој ви рекле дека не е валиден. Експертите велат дека институциите во вакви случаи постапуваат незаконски, бидејќи немаат право да бараат такво нешто од граѓаните, пишува Порталб.мк. 

Државниот завод за ревизија, во својот извештај за Управата за водење матичните книги за 2019 година, информира дека од издавање на изводи на родени, венчани и умрени, пријава на новороденче и издавање на изводи од матична книга на родените, склучување на брак и издавање на изводи од матична книга на венчаните, склучување на брак надвор од службените простории на Управата, пријавување на умрени и издавање на изводи од матична книга на умрените, има остварено вкупен приход од 36.254.000 денари (близу 600.000 евра). Сите овие пари се дадени директно од џебот на граѓаните и истите ќе се заштедеа, доколку нашата држава обезбедеше функционална дигитализација на институциите, а со тоа, освен што ќе заштедеа пари, граѓаните ќе заштедеа и време и нерви. 

Зошто, не постари од шест месеци? 

На секој извод од матичната книга на родените што го издава Управата за водење на матичните книги (УВМК), на задната страна има печат на кој пишува дека „Изводот од матичната книга, е јавна исправа со неограничен рок на важење“. За настанатите дополнителни промени во граѓанскиот статус кои не се евидентирани во овој извод, одговорно е лицето кој истиот го користи како доказ. 

Порталб.мк, спореди еден извод од матичната книга на родените што е издаден во 2010 година и еден од 2021 година и колоните со податоци се идентични. Во двата изводи, лицето има исто име и презиме, датум на раѓање, матичен број итн.

Извод од матичнате книга на родените 2010 – 2021 година, Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

Единствената разлика помеѓу овие два изводи е името на државата. Како што може да се види, во 2010 година тоа беше Република Македонија, а сега е Република Северна Македонија, но сепак, тоа не претставува проблем за валидноста на документите, бидејќи документите со старото име на државата се прифатени.

Но, и покрај тоа, Управата за водење на матичните книги има усвоено интерна наредба за да не се прифатат изводите кои се постари од шест месеци со образложение дека има граѓани кои ги менуваат податоците и не ги евидентираат и со тоа можат да направат голема штета. 

„Во секој извод има печат дека лицето што ги доставува податоците, одговара за нивната точност под морална, материјална и кривична одговорност. Но, во пракса не е така. Поради промена на имиња, адреси, брачна состојба, прифаќање или неприфаќање мајчинство, односно татковство, граѓаните не ги пријавуваат промените во правниот промет и се служат со стари податоци. Со тоа, тие прават бигамија, кога станува збор за брак, кога менуваат име или презиме, кога станува збор за идентитетот и слично. На овој начин се прават низа прекршоци, кои што додека да се откријат предизвикуваат големи штети“, велат од УВМК, додавајќи дека периодот од 6 месеци се смета за оптимално време за средување на податоците во матичната евиденција. 

Ана Павловска Данева; Фото: Влада на РСМ

Универзитетската професорка, Ана Павловска, вели дека таквата наредба е спротивна на законот и дека документ не постар од шест месеци може да се бара само кога се работи за извод од книгата на венчани, бидејќи тоа го предвидува и Законот за семејството и во никој случај не треба да се бара извод од матичната книга на родените не постар од шест месеци. Тоа,  според професорката, не треба да го прави ниту една институција. 

„Нивните упатства, или инструкции, како и да ги наречат внатрешните акти, доколку некој го постави прашањето за нивната законитост пред Уставниот суд, тие ќе бидат укинати. Такво нешто нема во ниту една држава. Изводот од матичната книга на родените е извод од матичната книга на родените, нема потреба ниту од шест месеци, ниту од шест години. Еднаш се раѓа, еднаш се добива име, презиме, матичен број итн. Ист е случајот и со државјанството, тука нема што да се бара старо шест месеци или ново. Може да се бара само во случај на извод од матичната книга на венчаните. Има случаи кога на нашите граѓани кои се родени во странство им бараат да донесат од таму, на пример извод од матичната книга на родени не постар од шест месеци, и Германците се смеат. Кај нив нема такво нешто и не им даваат, бидејќи не им треба втор сертификат, се чудат“, вели професорката Павловска.

Порталб.мк се обрати и до Канцеларијата на народниот правобранител за да разговара за тоа како го оценуваат пристапот на институциите кои бараат изводи не постари од шест месеци. Според нив, очигледно е дека промената на податоците произведува правни ефекти и институциите инсистираат на сигурни податоци, но сепак, институциите не се одговорни за точноста на податоците, туку самите граѓани, па за тоа не треба да го проблематизираат рокот на важноста на изводите. 

Сузана Салиу, архивска фотографија

„Бидејќи одговорноста за веродостојноста на податоците во изводот паѓа на лицето, и само на лицето што го користи изводот како доказ, тогаш е многу логично и многу природно институциите да не го проблематизираат рокот на важноста на издавање на овие документи. Напротив, институциите треба да бидат комотни, толерантни и флексибилни, токму поради фактот што немаат никакви последици и одговорност“, вели заменик народниот правобранител, Сузана Салиу, додавајќи дека во периодот јануари-октомври 2021 година тие примиле вкупно 77 претставки поврзани со регулирање на граѓанскиот статус на граѓаните, но ниту една од нив нема врска со рокот на важност на изводите. 

За разлика од УВМК која бара изводи не постари од шест месеци, Министерството за внатрешни работи бара извод од матична книга на родените за издавање на одредени документи, но изводот може да биде и постар од шест месеци. Всушност, до 2007 година, имаше упатство, според кое и тие бараа изводите да не бидат постари од шест месеци, но сепак во 2007 година беше изменет членот 6 од ова упатство, и според измените, службеното лице ги врши проверките на граѓанскиот статус и со тоа МВР ги прифаќа изводите постари од шест месеци. 

Дека не се потребни изводи постари од шест месеци може да се види и на веб-страницата на МВР. Дури, како што може да се види на фотографијата подолу, МВР прифаќа дури и фотокопија од изводот на родените. 

„Согласно актите и подзаконските акти со кои се уредува предметот за издавање на личните документи (лична карта и пасош) не се бара изводот да не биде постар од 6 месеци. Изводот од матичната книга на родените се приложува како неопходен документ во постапката за издавање на прва лична карта или пасош на малолетно лице и издавање на прва лична карта на лице над 18 години, но не се бара изводот да не е постар од 6 месеци“, велат од МВР. 

Фотографија од веб-страницата на Министерството за внатрешни работи

Дигитализацијата, решение на проблемот 

„И со шестмесечни изводи може да има злоупотреби“ – смета Искра Белчева, експерт од Центарот за управување со промени, која што вели дека државните институции мора постојано да имаат ажурирани податоци. 

Надминувањето на проблемот, според експертите, може да се направи само со дигитализирање на матичните книги или регистри, и во тој случај воопшто не би имало потреба од изводи, бидејќи институциите би ги имале сите податоци и граѓаните не би биле обврзани да талкаат низ институции. 

Искра Белчева-Ристовска

„Граѓаните и сега воопшто не треба да плаќаат за потврди/изводи за многу услуги. За сите услуги, каде што граѓанинот може да се идентификува само со личен документ (лична карта, пасош), не би требало да се поднесува потврда/извод. Од друга страна, пак, за брачната состојба сè уште е потребен извод, овој податок се наоѓа само во Матичната книга на венчаните. Доколку оваа Матична книга се дигитализира, тогаш институцијата на која и потребен овој податок, треба само да го види тој податок од базата на податоци“, вели Искра Белчева од Центарот за управување со промени. 

Како што вели таа, институциите имаат обврска меѓусебно да комуницираат по службена должност и да не ги оптоваруваат граѓаните со непотребни трошоци и документи. Белчева вели дека системот е поставен, но не е комплетиран со сите податоци за граѓаните и не го користат сите институции или го користат мал број од нив. 

И професорката Павловска го дели истото мислење, имено дека проблемот може да се надмине само преку дигитализација. 

„Ако имавме вистинска дигитализација, тогаш јас како странка нема да одев од еден во друг орган за да земам документ, туку тие би го имале истиот како мрежа и со еден клик УВМК ќе може да види сè што содржи МВР и обратно. За жал, тоа не е случај иако со години се шпекулира дека овие услуги ќе бидат дигитализирани. Има една апликација за издавање изводи по електронски пат, но и откако ќе го добиете и отпечатите, никој нема да ви го прифати тоа. Но вистинската дигитализација е да не мора да го печатите, туку да добиете QR код, како што е сега со вакцините, и со тој код, повторно по електронски пат, да може да се аплицира во сите институции, за што и да ви треба“, вели Павловска.

Извор: Оваа карикатура е изготвена од Асоцијација за Граѓанска Толеранција и Соработка – АГТИС, преку мала грантова шема на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ со финансиска поддршка од Европската Унија

Колку институциите кои издаваат вакви документи се меѓусебно поврзани, најдобро покажува Државниот завод за ревизија, кој во 2020 година објави извештај за УВМК за 2019 година. 

Државниот завод за ревизија во извештајот наведува дека според податоците во стратешкиот план, УВМК има вкупно 8 милиони податоци во матичните книги на родените, венчаните и умрените во печатена форма, кои треба да се внесат во матичниот електронски регистер, и да бидат достапни и искористени за потребите на УВМК по електронски пат. До 2019 година се внесени 2.462.000 податоци. 

„Од вкупно 175 матични региони, само 90 се приклучени на електронскиот регистар. УВМК нема изработено акционен план во кој ќе се определи рокот до кога ќе се поврзат сите матични региони и системот ќе биде целосно функционален, но и средствата што треба да се обезбедат за да се набави дополнителна опрема и интернет конекција за секој регион“, се вели во Ревизорскиот извештај. 

Потребата од интеракција или интероперабилност меѓу институциите се наведува и во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија за 2021 година. Според ЕК, треба да се подобри координацијата на институциите за да се подобри дигитализацијата на јавната администрација. 

Photo by Guillaume Périgois on Unsplash

„Користењето на системот за интероперабилност и понатаму е попречено од недостатокот на комуникациски софтвер во многу институции и немањето волја за целосно искористување на неговите потенцијали. Потребни се уште поголеми напори и подобрена координација меѓу институциите за модернизација и дигитализација на јавната администрација, вклучително и планираното формирање на Агенција за дигитализација и дигитализација на регистрите. Податоците во Регистарот на населението треба да бидат целосно внесени и контролирани“, се вели во Извештајот на ЕК.

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, во ексклузивно интервју за Порталб.мк, во јуни годинава изјави дека дигитализацијата во РСМ ќе се врши преку Агенцијата за дигитализација која се очекува да се формира следната година и која ќе биде главната институција која ќе управува со прашањата за дигитализација. 

Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација; Фото: Порталб.мк

„Во моментов во нашето министерство, како што ја информиравме јавноста, го подготвуваме законот за создавање на Агенцијата за дигитализација. Таа ќе биде важна институција кај нас, во нашите анализи ја увидовме како централна институција за дигитализација бидејќи моментално го имаме порталот, нудиме некои услуги, има воспоставена база, но колку е напредна тоа е друга работа и колку услуги се користат од граѓаните исто така е друга работа“, рече Шаќири.

Порталб.мк, во изминатиот период направи неколку истражувања за потребата од електронски услуги. Според истражувањата, во однос на електронските услуги, Северна Македонија е 10 години зад Европската Унија.

Електронски услуги РСМ – ЕУ; Фотографија уредена од Суад Бајрами, Порталб.мк

Дигитализацијата на услугите несомнено е од корист и во интерес на граѓаните, на државата, но исто така и неопходна за таму каде што целиме да се интегрираме – ЕУ. Нашите претходни истражувања докажаа и покажаа дека резултатите од извештаите, анализите или анкетите на меѓународните или домашните институции, но и на невладините организации за администрацијата на Северна Македонија не се само критика на хартија, туку сериозен проблем во секојдневниот живот на граѓаните кои талкаат низ шалтери за одреден документ. 

Издавањето документи со физичко присуство, односно на шалтерите, ги чини луѓето време, пари и нерви. Тоа најдобро го покажавме во нашето истражување каде за извод од матичната книга на родени, кој може да се извади за 5 минути, чекавме една недела, како резултат на неефикасноста на администрацијата. Бевме сведоци и на брачен пар кој сакаше да ја изврши процедурата за венчавка, кој наиде на многу отворање и затворање на вратите, и на крајот не можеше да се венча во нивната општина, туку отиде во друга општина за да избегне неколкумесечно чекање. 

Истражувачките стории можете да ги прочитате подолу: 

Оваа истражувачка сторија е изготвена како дел од проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).

Оваа истражувачка сторија е изготвена со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината од оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондација Метаморфозис и авторот и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...