Ана Митреска, вицегувернер фото: НБРСМ
Ана Митреска вицегувернер | Фото : НБРСМ

Ковид кризата ги измени и навиките кај дознаките од странство. Ако до пред една година, иселениците кои  работат надвор од земјава на своите семејства најчесто им испраќаа девизи во кеш, во услови на пандемија, тоа го прават во најголем дел, по електронски пат.

Според Народната банка на Република Северна Македонија, НБРСМ, минатата година дознаките пратени преку формалните канали, банките и брзиот трансфер на пари,  забележале силен раст од околу 47 отсто, во споредба со 2019 година, што е јасен показател дека луѓето го приспособиле своето однесување кон новите околности и дека сѐ повеќе ги користат дигиталните канали за испраќање пари. Од друга страна,  вкупните трансфери се намалија за околу 24 отсто, при што е видлив падот на готовинскиот дел.

„За нас овие текови се многу важни, бидејќи претставуваат битен дел од доходот на населението и значајна поддршка на потрошувачката и на билансот на плаќањата“, вели за Мета.мк, вицегувернерката Ана Митреска.

Таа додава дека според проекциите на НБРСМ за минатата година било предвиденовкупно намалување на трансферите по банкарски канали и во готовина, особено затоа што наша карактеристика е што поголем дел од дознаките се праќаат во готовина.

„Остварувањата се блиски до проекциите и вкупните трансфери се намалија за околу 24 отсто, при што видлив е падот на готовинскиот дел. Но, дознаките преку банките и брзиот трансфер на пари забележаа силен раст од 47 отсто“, вели Митреска.

Таа појаснува дека, на самиот почеток на пандемијата еден од поголемите ризици, посочен и од страна на меѓународните финансиски институции, беше можноста за поголем пад на дознаките кои иселениците ги праќаат во своите матични земји. Кризата наметна затворање на земјите, ограничено движење на луѓето, намалени социјални контакти, но најважното е дека го погоди и пазарот на труд на развиените економии каде работат наши иселеници, нивниот расположлив доход и можноста да продолжат да даваат финансиска поддршка преку дознаките.

Преку формалните канали на трасфери, вкупната сума на дознаките минатата година изнесува 263 милиони евра, за разлика од 178,68 милиони евра во 2019 година, токму поради зголемениот начин на електронско испраќање.

Според Митреска:

Со оглед на сите оцени за оваа година за постепено закрепнување, и на глобалната и на домашната економија, ставање под контрола на пандемијата преку процесот на вакцинација, и во однос на дознаките очекуваме раст од околу 20 отсто. Имајќи предвид дека кризата има продолжен карактер, нивно враќање на нивото од пред пандемијата, се очекува во следната 2022 година

Приватните трансфери, кои од банките и од менувачниците завршуваат во НБРСМ, се значаен извор за девизните резерви во земјата. Со парите кои работниците во странство им ги испраќаат на семејствата во РСМ, државата во голем дел го покрива трговскиот дефицит во размената со странство. Во изминатите неколку години, вкупните приватни трансфери во земјава зафаќаа околу 15 отсто од БДП.