Со новиот данок за моторни возила, при увоз или внес на моторно возило во земјава почнувајќи од 1 ноември годинава, на државата наместо досегашната акциза, ќе треба да ѝ се плаќа данок што ќе се пресметува со формула во која ќе влегуваат просечното количество издувни гасови од возилото изразено во грамови по изминат километар, кубикажата на моторот и вредноста на возилото и, по исклучок, и силината на моторот. Притоа, поголемите загадувачи ќе се оданочуваат на повисоки суми.

Со овој закон, данок ќе се плаќа и при увоз или внес на мотоциклите и на четирицикли.

Министерството за финансии денеска го објави нацртот на предлог-законот за данок на моторни возила, со кој се предвидува даночните давачки да се плаќаат и за нови и за користени возила што се продаваат во земјава или се увезуваат од странство, и тоа пред нивното прво регистрирање. Тоа до 22 септември ќе побара мислења од засегнати страни, а потоа се очекува како предлог-закон да влезе во законодавната процедура.

Колку ќе треба да се плаќа за секое возило, ќе одредува Владата, бидејќи предлог-законот предвидува таа да ги утврдува износите, односно бројките, врз основа на кои ќе се пресметува данокот. Наплата, пак, ќе врши Царината.

„Данокот на моторните возила се пресметува врз основа на податокот за износот на просечната емисијата на јаглерод диоксид – CO2 изразен во грам по километар, податокот за износот на 1 грам јаглерод диоксид – CO2 за соодветна категорија во зависност од видот на горивото кое се користи за погон на возилото искажан во денари, податокот за продажната вредност на возилото без вклучен данок на додадена вредност или при увоз податокот за царинската вредност на возилото утврдена согласно царинските прописи и податокот за износот на царината искажани во евра во денарска противредност, како и податокот за износот на процентот од вредноста на возилото за соодветна категорија“, пишува во нацрт-законот објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР).

Во него се додава дека данокот на моторните возила се пресметува и врз основа на податокот за зафатнината на моторот искажана во кубни сантиметри – см3, податок за износ на 1 см3 изразен во денари за соодветна категорија и податокот за нивото на емисија на издувните гасови (еуро норма).

Од напишаното образложение станува јасно дека возилата што повеќе загадуваат и имаат поголеми мотори, ќе бидат оданочувани со поголеми суми.

„…данокот на моторните возила, покрај вредноста на моторните возила ќе се пресметува и врз основа на износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – CO2 изразена во грамови по километар. Ова, истовремено ќе придонесе и кон увоз и користење на возила со пониска емисија на јаглерд диоксид што значи дека ќе овозможи и намалување на загадувањето на воздухот со цел да се обезбеди здрава животна средина што е основен предуслов за квалитетен живот на граѓаните“, се вели во Извештајот за проценка на влијанието на регулативата за овој закон.

Во нацртот се вели и дека возилата кои се произведени пред 35 и повеќе години, а кои согласно одредбите од Законот за возила немаат доделен статус на возило со историска вредност „олдтајмер“, данокот на моторни возила се пресметува и плаќа во паушален износ од 5.000 денари.