Фото: Annie Spratt на Unsplash

Брзи тестови за учениците кои ќе одат со физичко присуство од септември, можност родителите да изберат дали децата ќе им учат во училница или од дома, како и можност за наставниците кои сакаат, да предаваат од дома. Ова се трите барања на членовите на Фејсбук групата „Поддршка за онлајн настава“, кои ги доставиле до надлежните во Министерството за образование и наука, како и до Комисијата за заразни болести.

„Како група која ја поддржува онлајн наставата одлучивме дека е потребно да се обратиме до МОН со нашите барања и размислувања во насока за начинот на кој ќе се одвива наставата во наредната година имајќи предвид дека во јавноста ова прашање станува сè поактуелно“, се вели во писмото од групата „Поддршка на онлајн настава“ доставено до МОН.

Тие понатаму се заблагодаруваат за успешното реализирање на онлајн наставата од страна на МОН за 2020/2021 година.

„Посебно загрижува делта варијантата на ковид, за која е само прашање на време кога ќе се прошири и кај нас, бидејќи во останатиот дел од Европа епидемиолошката ситуација се влошува како резултат на рапидно ширење на истата“, наведено е како аргумент за барањата во писмото.

Таму стои дека земјите како Велика Британија и Израел, кои, како што велат, се далеку пред нас по бројот на вакцинирано население и до месец мај имаа големо намалување на пандемијата, во моментов се соочуваат со зголемени случаи на заразеност од делта-варијантата, и тоа кај учениците кои заразата ја шират во училиштата.

„Најавувате дека подготвувате протоколи за настава со физичко присуство за сите ученици од 1 септември 2021. Сите сме свесни дека на децата им е потребен секојдневниот живот каде се дружат со своите врсници во училиште и квалитетно го поминуваат своето време во образовниот процес, но во време на ваква опасна по живот заразна болест приоритет ни е здравјето на нашите деца. Исто така, веќе имаме позитивно искуство со онлајн наставата според кое знаеме дека во време на пандемија, таа е одлична замена за да се зачува доброто здравје, а сепак се продолжи со едукацијата“, наведено е во писмото.

Членовите на групата бараат во првото полугодие од учебната 2021/2022 да остане можноста родителите да одлучат за своите деца следење на настава со физичко присуство или следење на наставата онлајн, а со тоа ќе се растовари бројот на ученици со физичко присуство и ќе биде возможно во една смена наставниците да предаваат со физичко присуство.

Бараат наставниците кои поради кои било причини не можеле да се вакцинираат и имаат здравствени проблеми, да имаат опција да изберат да предаваат онлајн. Освен тоа, се бара за сите кои ќе одат физички на училиште државата да обезбеди бесплатни брзи тестови кои ќе мора често да се прават (најмалку два пати неделно) со цел да се заштитат соучениците, наставниците и општата популација.

Министерката Мила Царовска кажа дека МОН се подготвува од први септември сите ученици да се вратат во училишните клупи, со одредени протоколи за заштита од ковид-19 кои беа усвоени вчера на владина седница. Таа рече дека новата учебна година ќе започне со физичко присуство за сите ученици, а наставата ќе се одвива со носење маски, проветрување и мерење температура. МОН освен ова, има уште две алтернативни сценарија, но дали и кога ќе се применуваат ќе зависи од Комисијата за заразни болести. Ако епидемиолошката состојба се промени, може да се донесе одлука наставата од петто до деветто одделение да се спроведе со учење од далечина, или пак, да се примени третата алтернатива, која предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи, но со ротација на групи ученици, така што една група е во училиште со физичко присуство, додека друга следи настава онлајн.