Почина рокенрол-легендата Чак Бери

Легендарниот гитарист и родоначелник на рокенролот, Чак Бери, починал вчера на 90-годишна возраст, објавија светските медиуми, повикувајќи се на полицијата на американската сојузна држава Мисури.

Полицијата на округот Сент Чарлс ја потврдила смртта на Чарлс Едвард Андерсон Бери и навела дека неговото семејство побарало приватност за време на периодот на жалост, пренесува „Гардијан“.

Музичката кариера на Чак Бери траеше повеќе од седум децении. Легендарниот гитарист ги спои блузот и свингот во нов музучки феномен, користејќи гитарски соло-партитури и изврши големо влијание на подоцнежната рок-музика.

Меѓу неговите најголеми хитови се издвојуваат „Roll Over Beethoven“, „Rock and Roll Music“ и „Johnny B. Goode“, која е една од најобработуваните песни во историјата на музиката.

Во 1984 г. Чак Бери доби Греми-награда за животно дело, а беше еден од првите музичари што станаа членови на „Рокенрол-холот на славните“ во 1986 година.

Неговата музика имаше големо влијание на бројни музичари, како и на целиот рокенрол.