Драмски театар Скопје соопшти дека денеска починал Ристо Стефановски (1928-2022), истакнат театарски работник, долгогодишен директор на Драмски театар Скопје (1957-1983), како и на МНТ (1983 – 1988) и театролог и историчар на театарот.
Ристо Стефановски е роден во 1928 година во Скопје. По завршувањето на Државната театарска школа во родниот град, две години студирал глума на Театарската академија во Белград. Од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје.
Од пролетта 1957 година раководел со Куклениот театар во Скопје кој подоцна се трансформирал во денешниот Драмски театар. Го обмислува, реализира и уредува театарското списание „Театарски гласник“ од 1977 година.
Во меѓувреме дипломирал на Факултетот за драмска уметност во Белград, отсек организација.
Под негово раководство, Драмски театар Скопје го остварува најголемиот подем, повреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија.
Ристо Стефановски е автор на десетици монографии и книги за театарот издадени во период од пет децении.
Добитник е на наградите „Свети Климент Охридски“ (1988); Стериина награда за животно дело на Фестивалот Стериино позорје, Нови Сад (1989); Награда на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ за животно дело (1989); Орден за труд со бронзен венец; Орден за труд со сребрен венец; Орден за труд со златен венец; Награда 13 Ноември (1983); Награда 11 Октомври (1988); Одликување на Француската влада Palmes Academiques, и други.