Ахмед Катрада, борецот против апартхејдот во Јужна Африка, кој 26 години помина во затвор, од кои поголемиот дел заедно со Нелсон Мандела, починал утрово во Јоханесбург, на 88-годишна возраст.
Како што пренесуваат светските агенции, фондацијата на Катрада соопштила дека тој починал откако на почетокот на овој месец бил хоспитализиран поради тромб во мозокот.
Катрада е роден на 21 август 1929 година, во мал град во северозападниот дел на Јужна Африка, како дете на индијски мигранти.
Многу млад се вклучил во борбата против апартхејдот, а во јули 1963 година е уапсен во предградието на Равонија, каде се состанувал со други активисти. Осуден е на доживотна затворска казна, заедно со уште седум луѓе, меѓу кои и Нелсон Мандела, поради саботажа против владејачкото бело мнозинство во Јужна Африка.
Од затвор е пуштен во 1989 година, по укинувањето на апартхејдот, по што станува пратеник во јужноафриканскиот парламент. Тој неодамна остро ги критикуваше владата на земјата и претседателот Џејкоб Зума.
„Кети беше инспирација за милиони луѓе во различни делови од светот. Ова е голема загуба за Африканскиот национален конгрес (владејачката партија на Јужна Африка), на поширокото ослободително движење и за цела Јужна Африка“, изјавил директорот на фондацијата „Ахмед Катрада“, Нишан Балтон.