По минатогодишниот бојкот, почна реновирањето на училиштето во Одри, но не се знае кога ќе продолжи

ОУ „Фаик Коница“ во с. Одри пред и по замена на прозорите. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Во основното училиште во село Одри, општина Теарце, само два дена пред почетокот на учебната година, старите прозорци беа заменети со нови. Ова беше направено како резултат на бојкотот на родителите во текот на изминатата година. Меѓу барањата на родителите и ветувањето на општината беше и поправка на парното и тоалетите, но овие две работи уште не се завршени, иако учебната година започна вчера. Сите велат дека и тие ќе бидат завршени, но никој не знае кога, пишува Порталб.мк.

Алуминиумските прозорци што пропуштаа студ се заменети со нови пластични прозорци. Но, во ова училиште сѐ уште не е интервенирано за парното греење и за реновирање на тоалетите, како што беше договорот во првото полугодие.

Од Советот на родители велат дека според договорот што го постигнале со Општината, ќе се поправаат и радијаторите и тоалетите. Викендов се очекува да имаат средба со градоначалникот за тоа што ќе биде понатаму.

Директорката на училиштето вели дека по дваесет години, ветувањата почнале да се исполнуваат.

„Прозорците се сменети, ова се реализираше… За тоа дали ќе има други работи, да, градоначалникот вети дека ќе има, односно ќе започне следната фаза за замена на главната врата. Следната фаза е греењето, а ова пак ќе биде благодарение на проект, а се говори и дека ќе треба да се реновираат и тоалетите. Не знам дали ова ќе се реализира годинава или следната година“, рече раководителката на училиштето.

Од Општина Теарце велат дека тоа ќе се направи, но не кажуваат кога.
„Да, ќе се направи како што се договоривме, работите се во тек“, велат од општината.

Од друга страна, министерот за образование, Јетон Шаќири рече дека проблемот за ова училиште е решен со Советот на родители.

„За 2023 година и за училиштето во Одри и за сите други општини имавме повик, а освен општините, проекти можат да поднесуваат и училиштата. Проекти имаат поднесено повеќе од 150 училишта. Дали во конкретниот случај е доставена документација за училиштето во Одри, ќе можам да ви одговорам откако ќе ги разгледам сите барања и проектите кои се доставени до Министерството за Образование, рече Шаќири.

Од МОН пак велат дека барање од ова училиште и од општината немало.

„Училиштето што го споменувате во последните 6 години нема поднесено барање до Министерството за образование за каква било инфраструктурна инвестиција за подобрување на условите за настава, но доколку се поднесе во иднина истата ќе се разгледа и ќе се донесе решение согласно околностите“, изјавија од МОН.

Потсетуваме дека, на почетокот на второто полугодие од минатата година, родителите ја бојкотираа наставата бидејќи училниците беа ладни поради алуминиумските прозорци, дефектите на централното греење и застарените тоалети. Потоа постигнаа краткорочен договор со општината, при што во училниците беа поставени грејни тела – калорифери. Во меѓувреме, за долгорочни решенија од Општината тогаш ветија дека инвестицијата за ново парно и замена на прозорците од страна на општината се планира да се направи за време на летните одмори кои веќе поминаа. Но, доколку тоа не се направи, родителите најавија повторно бојкот.

Во училиштето во селото Одри учат околу 130 ученици и тоа е подрачно училиште кое работи под соседното село Доброште. Таму настава посетуваат ученици од село Ораше од петто до деветто одделение. Училиштето е на три ката и има вкупно девет паралелки и работи само во една смена.