По интервјуто со Маск, Би-би-си според Твитер повеќе не е „медиум финансиран од владата“

Милијардерот го купи Твитер во ноември за 44 милијарди американски долари, а во интервјуто тврди дека не би ја продал платформата доколку сега некој му ја понуди истата сума

фото: Принтскрин од сметката на Би-би-си на Твитер

Твитер ја промени ознаката на главниот профил на британскиот радиодифузер Би-би-си, овој пат означувајќи го како „јавно финансиран медиум“ (Publicly funded media), наместо „медиум финансиран од владата“ (Government funded media) – етикета која му ја додели во неделата за што радиодифузерот се спротивстави.

Би-би-си на крајот од минатата седмица ја оспори доделената етикета од Твитер кој е во сопственост на Илон Маск, тврдејќи дека „Би-би-си отсекогаш бил независен“ и дека корпорацијата  се финансира од јавноста во Обединетото Кралство преку надоместокот за лиценца.

Зборувајќи во „неочекувано“ интервју за сервисот на Би-би-си во Северна Америка, кое било договорено за само неколку часа, Маск вели дека знае оти „Би-би-си не е воодушевен што е етикетиран како медиум поврзан со државата“.

„Ако ги користиме истите зборови што ги користи Би-би-си за да се опише себеси, тоа веројатно би било во ред“, вели Маск во интервјуто со новинарот Џејмс Клејтон.

Неколку часа по интервјуто, наместо „медиум финансиран од владата“, британскиот радиодифузер на својата главна сметка на Твитер ја доби ознаката „јавно финансиран медиум“.

Ознаката „медиум финансиран од владата“ ја доби и американскиот јавен сервис Ен-пи-ар, кој вчера соопшти дека повеќе нема да објавува содржини на Твитер, односно дека ја напушта платформата.

Инаку, интервјуто на Би-би-си со сопственикот на оваа социјална мрежа, Илон Маск, трае речиси еден час. Помеѓу најважните работи што Би-би-си ги извлекува од разговорот со вториот најбогат човек на светот е негирањето на Маск дека е забележан зголемен говор на омраза на Твитер по неговото преземање на платформата, а Маск тврди и дека бришењето на корисниците—ботови придонело кон намалување на дезинформациите на Твитер.

Илон Маск го бранеше отстранувањето на забраната за присуство на Доналд Трамп на Твитер, а рече дека на последните избори во САД гласал за Џо Бајден.

Милијардерот го купи Твитер во ноември за 44 милијарди американски долари, а во интервјуто тврди дека не би ја продал платформата доколку сега некој му ја понуди истата сума.

На прашањето на новинарот „Дали го купивте Твитер затоа што судот ќе ве присилеше?“, Маск одговори потврдно.