Платформата за еколошка правда ќе ги поврзе науката и институциите во борбата за подобра животна средина

Фото: ЦПИА

Поврзување на научната јавност и институциите кои работат на зачувување и унапредување на животната состојба во земјава, за да се обезбеди најдобрата поддршка во справувањето со еколошките состојби и проблеми, а особено за процесот на отпочнување преговори со Европската Унија е целта на новата Платформа за еколошка правда.

Проектот го спроведува Центарот за правни истражувања и анализи со поддршка на Британската амбасада, а беше промовиран во МАНУ, како идеја, преку вклучувањето на Академијата како највисока научна институција и здруженијата на граѓани и експерти, да се обезбеди поширок научен пристап и практично искуство како поддршка на Министерството за животна средина и другите институции во заштитата и унапредувањето на животната средина и спроведувањето на политиките и законите во областа на животната средина.

Според академик Владо Камбовски, животната средина и правдата се универзални вредности, концепција од која и започнува оваа идеја. Според него, поимот на еколошка правда значи и признавање од човекот дека е не е господар на природата, туку дека треба да живее во коегзистенција со нејзиниот жив и нежив свет.

„Правото на здрава животна средина од друга страна е и обврска кон природата да се зачува за следните генерации. За разлика од економијата заснована на искористување на природните ресурси, новиот концепт значи ориентација кон зелената смарт економија, каде индикатори за квалитет на човековиот живот се здравата храна, вода и животна средина, а не профитиот. Концептот за еколошка правда значи надминување на потребата од економски развој по секоја цена. Развојот е нужен, но и мора да е во корелација со правото на поединецот за здрава средина“, посочи Камбовски.

Платформата, според него, е повик за сеопшт ангажман на сите чинители во општеството, кои се дел од науката, експерти од областа на правото или економијата, невладиниот сектор, или институциите за подобрување на состојбите во животната средина, која во извештаите на Европската Комисија за земјава секогаш забележува само скромен напредок. Особено од интерес е и остварувањето на судска заштита на правото на здрава човекова околина како и воспоставување на ефикасни инструменти за заштита на ова право.

Британската амбасадорка Рејчел Галавеј смета дека земјата мора да се соочи со предизвиците за заштита на животната средина. Таа ги истакна природните убавини, за кои смета дека мора да се зачуваат, а за тоа треба да придонесат сите актери во општестовото, формирајќи го партнертвото преку Платформата.

Заменик-министерката за животна средина, Христина Оџаклиевска зборуваше за мерките и политиките на кои работи министерството и со кои се регулира квалитетот на воздухот, третманот на отпадот и заштитата на природата. Таа посочи дека спроведувањето на прекршочната политика во областа на животната средина во судовите има големо значење, но и дека има голем број на предмети кои не се решени. Таа посочи дека Платформата треба да ги надмине слабостите, да го земе во предвид искуството и да создаде модел на ефикасна соработка на сите чинители за правилно спроведување на политиките и регулативите.

Еколошката правда е маргинализирана во секојдневното работење на судовите, иако има реална потреба од неа, посочи Жарко Хаџи- Зафиров програмски раководител на Центарот за правни истражувања и анализи и нагласи дека во земјата постојат проблеми со примената на законите од оваа област.

„Секој човек има право на здрава животна средина, но и обврска да ја чува, додека пак, државата треба да создаде услови за здрава средина. Платформата ќе биде тело во кое ќе се дискутираат работи кои се применливи, а стручноста и практичноста заедно со научниот пристап ќе бидат основа на сите предлози кои ќе произлезат од нејзината работа“, посочи Хаџи- Зафиров.

За Платформата за еколошка правда, освен научно-истражувачкиот пристап, основно начело ќе биде и инклузивноста и принципот на еднаквост на членките кои ќе го донесат одлуките. Ќе бидат вклучени министерството за животна средина и Државниот Инспекторат, ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, МВР, министерството за правда, МАНУ и Академијата за судии и јавни обвинители, задружението на правници, како и невладините организации „Еко свест“, „Еко герила“ и „Фронт 21/42“, Градот Скопје и општините.